Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид
Сабота, 08 Мај 2010   

Екселенции, Еминенции,

Дами и господа,

Вистинска привилегија за мене претставува можноста да се обратам на оваа конференција, пред ваква еминентна публика, во која практично е претставена целокупната глобална меѓурелигиска различност, меѓукултурното богатство. Сите ние овде во Охрид, во европската, па и светска духовна и културна престолнина, сакаме да ја афирмираме практичната вредност на дијалогот меѓу луѓето, кој е, бил и ќе остане, единствениот ненасилен излез од падовите на човековото постоење. Дијалогот, кој е најсигурниот пат до мирот.

Почитувани пријатели,

 

Неповторлива е можноста, две децении по падот на берлинскиот ѕид, да ги евалуираме вистинските придобивки на дијалогот како инструмент за надминување и решавање на недоразбирањата и разликите. Почнав со падот на Берлинскиот ѕид како значаен чекор во изградбата на она што јас го нарекувам Pax Europana. Станува збор за концепт на отворен простор во кој доминира дијалогот и почитувањето меѓу луѓето, заедниците, религиите. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Отворен простор во кој правилно ќе се сфатат световите на различностите и моќта на гео-културата.

 

Идејата за отворен простор, е изворот на европската сила и темелот на европскиот успех.

 

Мирот е темелот на благосостојбата на човековото постоење. Токму затоа, конференциите како оваа се одговор на горливото прашање за вистинските модалитети на живеење на дијалогот, во време кога нетолерантноста и ксенофобијата се закануваат да го уништат неговото постоење. Во време кога на сцена повторно се враќаат застарените и назадни политики кои го проблематизираат човековиот идентитет и достоинство и кои ја злоупотребуваат верата. Во тој контекст особено е значајно да ги одредиме модалитетите на дијалогот меѓу религиите, бидејќи секоја политика без духовност е неодржлива. Религијата, во помала или поголема мерка, е еден од клучните елементи на идентитетот на поединецот и заедниците. Одржливиот мир е возможен доколку плурализмот во општеството го инкорпорира во себе и религиозниот плурализам.

 

Почитувани,

 

Денес, светската јавност, барем декларативно го поддржува дијалогот. Колку реалноста ја прати декларативноста, па ако сакате и желбата за благосостојба која извира од сите наши визии за сегашноста и иднината, зависи од  спроведувањето на дело на заклучоците на ваквите, за жал, сеуште недоволно чести конференции. Тоа зависи од напорите на сите нас да ја поттикнеме употребата на дијалогот како инструмент за најуспешно градење на иднината.

 

Затоа, за поздравање се напорите на УНЕСКО и другите меѓународни организации во охрабрувањето и поддржувањето на меѓуцивилизацискиот дијалог, посебно интензивно и практично во чувствителните гео-стратегиски  делови  од светот, каде е неоходно да се разберат маргинизираните групи, малцинствата и се разбира младите, како идни градители на цивилизацискиот поредок. Впрочем, ако погледнеме далеку во историјата на човековата цивилизација постојат несоборливи и практично издржани  докази за моќта на дијалогот.

 

Државата живее во благосостојба ако во неа се почитуваат принципите на плурализмот, демократијата, обезбедувањето на човековите права и слободи, почитувањето на граѓанските права на сите, еднаквите можности за мажите и жените, создавање на соодветни и добри односи помеѓу верските заедници. Секое поместување на овој баланс, создава проблеми кои во рамките на едно демократско општество, можат да се решат единствено со дијалог.

 

 

Почитувани,

 

Република Македонија се гордее со својот единствен инклузивен модел на демократија. Модел кој подразбира интеграција без асимилација. Во Македонија, дваесеттина етнички, религиски, јазични и национални заедници ги уживаат сите универзални права и слободи кои ни се познати денес. Мултиетничкиот и мултиконфесионалниот соживот, кој е реалност во Република Македонија, е граден со векови. Македонскиот модел е модел на иднината, модел кој во својата суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици. Овој модел е  најсилната  легитимација на Република Македонија во меѓународната заедница. Тоа е и една од причините за одржувањето на оваа конференција токму тука, во Охрид, во Македонија.

 

Сите ќе се согласите дека мирот е претпоставка за економски развој, секаде, особено на Балканот. Но и обратно, економскиот развој е најсилниот темел на кој се потпира мирот, секаде, а посебно на Балканот. Нам ни е потребна поддршка на нашиот општествен и социјален модел, за да можеме да зачекориме во сферата на слободен и одржлив развој. Исто како што на западниот модел на економски развој му треба Западниот Балкан, отворениот економски простор, и нам ни треба поддршка да го изградиме нашиот економски просперитет кој е најодржлив мировен концепт, воопшто во светот.

 

Дами и господа,

 

Со организирањето на оваа конференција, кое прераснува во добра традиција, Македонија ја потврдува својата посветеност кон градењето на Глобална платформа за мир и дијалог меѓу религиите. Со својот пример, Македонија ги охрабрува верските и религиозните чинители ширум светот да се приклучат кон овој заеднички потфат.

 

Подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките на македонскиот модел, а кои, ако доследно се применат, можат да придонесат за јакнење на меѓукултурната и меѓурелигиската соработка и разбирање и спречување на појавата на конфликти.

 

Природата и сесоздавателот ги создаваат различностите. Во шумата сите дрва и растенија се различни. Во воздухот сите птици се различни. Во водата сите риби се различни. На земјата луѓето се различни. Некои сакаат да летаат и да се движат во јато. Само себедоволните, не живеат во јато во група. Затоа бог го создал зборот, за да се комуницира. Дијалогот е можен само ако се комуницира. Кој не комуницира самиот го бира патот кон изолација, кон гетоизација.

 

Македонија живее во светот на различноста. Животот не научи на соживот и толеранција. Во Македонија правилно се сфаќаат световите на различните, и ние ги почитуваме. Ваквата вековна традиција и реалност не само што ја почитуваме, туку и ја рефлектираме во севкупниот општествено политички живот во Македонија.

 

Со тоа ја почитуваме креацијата на сесоздавателот, на природата. На ова се темели соживотот на овој простор, на оваа крстосница на цивилизациите, во оваа преубава Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.

  Back<<Назад