Екселенции,
Дами и господа,
Дозволете ми да упатам честитки до организаторот амбасадорот Волфганг Ишингер и сите негови претходинци, што создадоа ваков авторитетен форум на кој може да дебатираме за круцијалната тема и потреба на човештвото, безбедноста.
Доаѓам од регион кој до неодамна продуцираше нестабилност и загриженост. Затоа, денес ќе се обидам да направам една евалуација на состојбите. Особено ќе се задржам на улогата на мојата земја Република Македонија во регионален, но и поширок контекст поврзан со темата.
Дами и господа,
Безбедноста на нашиот континент е незамислива без стабилна Југоисточна Европа. Треба отворено да разговараме и да кажеме дека само една изјава, еден непромислен акт, во нашиот регион може да создаде турбуленција, а проблеми и отворени прашања има. Сложеноста на состојбите во Босна и Херцеговина, неединството во рамките на меѓународната заедница, во ЕУ и НАТО, состојбите во Косово, носат ризици, кои не смеат да се потценат. Рецептот е многу едноставен, брз прием на целиот регион во евроатлантските структури, политички одлуки со визија, со долготрајна корист. Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстанувал во мир само кога бил на отворен простор. Сега имаме нови околности. Во нашиот регион, за прв пат во историјата, на преминот од 20тиот во 21виот век, насекаде добивме демократски избрани власти. И повторно имаме потреба од отворен простор. На нашиот регион денес му е потребно она што јас би го нарекол Pax Europana. Затоа што самата европска идеја е мировен проект. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир. Нешто што генерации државници и визионери во Европа и во НАТО, веќе го имаат правено. Само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност. Подолга статус кво состојба во регионот, носи ризици, политички, но и безбедносни. Сите се свесни колку е тешко да се санираат последиците од безбедносните кризи.
Зоната на стабилност и безбедност е поголема со секое ново проширување на НАТО и ЕУ. Така се придонесува кон заедничката цел. Земјите од нашиот регион уште поодлучно пристапуваат кон исполнување на критериумите и стандардите, со секој чекор поблиску кон интеграцијата.
Република Македонија во такви околности, со својот пример придонесуваше кон мирот, продуцираше стабилност и безбедност. Сепак, серијата на конфликти од крајот на 20от век, ја зафати мојата земја во 2001та. Исходот на тој конфликт, создаде модел кој може да послужи во решавањето на сличните проблеми во другите делови од светот. Инкорпорирањето на политичкиот договор познат како Охридски договор, во Уставот, со кој се спречи поголема криза, но уште повеќе неговото спроведување, е еден посебен пример на добро справување со безбедносен предизвик.
Животот во една мултиетничка, мултиконфесионална, мултијазична средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот. При преминот кон демократија, сета оваа комплексност, се одрази на институционалната поставеност во Република Македонија. Впрочем, се посветува огромно внимание, време и енергија, и за градење на супстанцијалната демократија. Моделот на интеграција без асимилација, инклузивниот модел на мултиетничка демократија, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Тоа не е завршен процес. Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија, во еден невралгичен регион, создава стабилност и безбедност. Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Ова е позитивен пример кој можат да го користат и други општества. Инклузивниот модел на нашата демократија е нашиот придонес кон европската и регионалната безбедност.
Сосема кратко ќе се задржам и на функционалноста на нашиот модел. Република Македонија, во сложени околности, успеа да ги исполни реформите и да ги достигне стандардите. Успеа да постигне компатибилност со НАТО стандардите, успеа да се подготви за почеток на пристапните преговори со ЕУ, и веќе втора деценија во континуитет оддржува макроекономска стабилност според стандардите на ЕУ. Впрочем, ова не е само субјективна оценка, ова е потврдено на Самитот на НАТО во Букурешт, ова е потврдено со минатогодишниот извештај на Европската Комисија, кога препорача преговори за членство.
Република Македонија таквата своја реалност ја отсликува и во составот на нашите мировни мисии. Иако се уште не сме членка Алијансата, ние активно учествуваме во речиси сите мировни мисии. Битно ни е нашата стабилност, нашиот модел, да не бидат загрозени од заканите кои доаѓаат и се продуцираат од кризни региони. Ние ги ставаме на располагање нашите мировници, за одбрана на вредностите на слободата и демократијата, но и безбедноста, на Европа, и пошироко. Денешните глобални закани бараат глобален одговор. Затоа онаму каде што се бранат овие вредности мојата земја, по повеќе критериуми е меѓу првите нации по придонесот со мировни сили во Авганистан. Со своите 19 години независност и 7 години придонес кон светскиот мир, Република Македонија низ досегашните ротации во меѓународните мисии придонесуваше со вкупно 1844 македонски мировници (што е една четвртина од нашата Армија). Со тоа водиме грижа за нашата безбедност, и даваме придонес кон глобалната безбедност.
Дами и господа,
Внатрешната стабилност и безбедност, како што веќе кажав, сепак се во силна корелација со безбедноста на Јигоисточна Европа. Она што Република Македонија го прави на внатрешен план, создава позитивен амбиент и во регионот. Токму затоа, негувањето и градењето на добрите односи со соседите претставува најзначајна одредница на македонската надворешна политика.
Република Македонија од осамостојувањето до денес, историскиот контекст на непомирливоста, на разликите помеѓу балканските народи, го замени со политики на градење добрососедски односи, кои почиваат на заеднички интереси и регионален развој. Во таа насока, Република Македонија презема низа активности и иницијативи. Воспоставувањето на дипломатски односи со Косово претставува уште еден чекор во градењето на блиски, коректни и функционални односи меѓу соседи. Република Македонија во овој случај кој се уште создава непријатност во регионалните односи, постапи следејќи ги своите интереси и интересите на доминантното мнозинство во ЕУ и НАТО, организации каде ја гледаме нашата иднина. Со демаркацијата на северната границата со Косово, решивме едно крупно, безбедносно прашање. И преку овој пример покажавме дека успешно решаваме вакви предизвици. Колку е суштествено тоа покажува и фактот што ваквите прашања се уште ги оптоваруваат односите меѓу државите, не само во нашиот регион.
Почитувани,
Градењето на добрососедски односи бара заемно залагање и ангажирање на засегнатите страни.
Да се задржам на наметнатиот спор за нашето уставно име од страна на нашиот јужен сосед. Уште од првите денови на независноста, со наметнувањето на овој спор и последователните дејствија, како некому да му сметаше новата реалност, независна Република Македонија. Тој спор и однесувањето на нашиот сосед имаа свои импликации во процесот на меѓународното признавање и етаблирањето на нашата држава. Истиот беше проследен со негации, омаловажување, блокади и ембарга и резултираше со преседан при приемот во ОН. Спорот со името целосно неоправдано, дури и апсурдно, нашиот сосед го претставуваше како безбедносен проблем. Тие, и тогаш, и денес, ја доведуваа во заблуда меѓународната јавност. А наводните аргументи на нашиот сосед во тој контекст беа дека имаме територијални претензии. Иако беа неосновани тие тврдења, Република Македонија, го промени Уставот за и формално да докаже дека нема територијални претензии, дури и го смени своето државно знаме. Со ова Република Македонија направи конкретни чекори, кои не сум сигурен дека некој друг во меѓународната заедница би ги направил.
Република Македонија, тогаш, свесна за сериозноста на вкупните домашни и регионални околности, но свесна и за своите меѓународни обврски, прифати да разговара за надминување на „разликата околу името“. Двете земји потпишаа времена спогодба во 1995та година, по што следеше нормализација на односите.
За жал, и покрај покажаната конструктивност и иницијативност на Република Македонија за наоѓање на решение за овој проблем, на Самитот во Букурешт 2008та, целосно спротивно на обврските од Времената спогодба, Република Грција го спречи приемот во НАТО на нашата земја.
Ако аргументот на Грција беше дека Македонија претставува безбедносно прашање, со тоа што се вика Република Македонија, тогаш зашто Грција го спречи нашиот влез во НАТО? Зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Времената спогодба од 1995та и не дозволи Република Македонија да влезе во НАТО со привремената референца која се користи во ОН? Тоа ќе беше најголемата гаранција на Грција дека Македонија не е безбедносна закана кон ниту еден сосед.
Почитувани,
Оваа година одбележуваме десет годишнина од Спогодбата за стабилизација и асоцијација наменета за државите од Југоисточна Европа, со цел да го трасира патот за интеграција во ЕУ. Мојата земја беше првата која ја потпиша оваа Спогодба. Десет години потоа, време е да се запрашаме до каде стигнавме со исполнувањето на обврските по основ на оваа Спогодба, од двете страни: од државите за кои беше наменета, но и од ЕУ коja ja даде таквата перспектива. Фактот дека Република Македонија беше првата земја која ја потпиша Спогодбата, која доби кандидатски статус во 2005та година, и конечно минатата година доби препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори, доволно зборува за нашата страна од равенката. Сите одложувања на интегративниот процес, во најголем дел и директно, беа за жал поврзани со политиката на блокада од нашиот јужен сосед, кој наместо тоа, по сите основи на логиката, можеше да биде главниот афирматор за македонското членство во Унијата.
Минатиов декември, и покрај позитивната препорака од ЕК со што се потврди подготвеноста и се призна прогресот на мојата земја, Грција го спречи одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Значи, втора блокада во краток временски период. Тоа ли е придонес кон европската безбедност и просперитет? Сепак очекуваме конкретни чекори од грчата страна, кои ќе ја потврдат нивната посветеноста на агендата 2014.
Дами и господа,
Мораме да констатираме дека за жал, условот кој ни е наметнат за да продолжиме по патот на нашата евроатлантска интеграција, не вклучува само одрекување од името на нашата држава, туку и одрекување од индивидуалните човекови права на моите сограѓани, правото на човеково достоинство и правото на самоидентификација. Според Универзалната декларација за човековите права, „сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“ Ниедна земја не смее да дозволи да се кршат правата на нејзините граѓани, од ниедна страна, ниту од внатре, ниту од надвор. Станува збор за прашања на кои почива не само меѓународното јавно право, туку и меѓународното право за правата на човекот. Тоа е наjвисоката цел на човештвото, тоа е најсилната гаранција за да продолжиме по патот на прогресот и безбедноста.
Република Македонија согледувајќи го сето ова, прави се, активна е и дава иницијативи да се дојде до решение. Но, не прифаќаме да се рушат индивидуалните човекови права со присила и уцена. Не прифаќаме да се рушат востановените принципи на меѓународното право, не само заради нас, туку и за опасниот домино ефект кој може да го предизвика еден непринципиелен преседан.
Во една прилика мојот колега грчкиот претседател Папуљас, истакна дека решението треба да се бара во рамките на меѓународното право. Апсолутно се согласувам со него. Ние сакаме решение кое ќе се заснова врз меѓународното право и принципи, решение во рамките на Резолуциите на Светската организација, решение во кое нема да има победници и поразени.
Дами и господа,
Обединета Европа е најголемиот проект на стариот континент, би додал, проект со цивилизациски размери. Тоа е проект кој продуцира мир, стабилност и просперитет. Проект кој се темели врз вредностите и придобивките на демократијата и слободата. ЕУ со Лисабонскиот договор постигна консензус за стратешките приоритети, за новата внатрешна поставеност, за нејзината уште посилна улога на меѓународната сцена. Но, уште позначајно за нас, создаде основа за дозаокружување на процесот на проширувањето.
Нам денес ни треба визија за Балканот, нам ни треба визија за нашата европска и глобална безбедност, за нејзината иднина. Ќе завршам, не можеме да зборуваме за иднината на европската и глобалната безбедност, не можеме да правиме стратегии и политики, без стабилен и безбеден дел од европскиот југоисток.
Нашиот простор со векови бил извор на конфликти и несогласувања на регионалните и глобалните сили. Така се создаде и митот за т.н. Македонско прашање. Во 1991та година конечно стигна одговорот на тоа прашање - Република Македонија, независна европска држава, мирољубива и отворена кон сите соседи, без исклучок!