Годишнина на Црвениот Крст на Република Македонија
Среда, 17 Март 2010   

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод 65 годишнината од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија


Почитувани хуманисти, драги пријатели,

Денес сме собрани по повод еден важен јубилеј, 65 години од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија. Нашиот Црвен крст е формиран во време кога таква организација била и најпотребна. Веднаш по вителот на втората светска војна, во време кога човечкиот живот и човечкото достоинство излегоа од големи трауми.

Идејата за Црвениот крст како организација е родена во крвавите полиња на Солферино, но нејзините корени се многу подлабоки. Црвениот крст е израз на нашата верба во човечноста и во хуманоста, која е стар и универзален принцип на цивилизацијата.

Современата Македонска држава и Црвениот крст се современици. Како што се градеше и развиваше македонската држава, така се менуваа и задачите и приоритетите и на македонскиот Црвен крст. Како што повоената обнова на државата отстапуваше простор на економскиот развој, така и Црвениот крст својата задача ја наоѓаше во помош на граѓаните кои беа во неволја и имаа потреба од подадена рака. Во помагањето на заедниците зафатени од природни катастрофи, каде честопати првата помош доаѓа токму под амблемот на црвениот крст.
Основачот на меѓународната организација на Црвениот крст, Анри Динан, е носител на првата Нобелова награда за мир.

Црвениот крст освои уште три Нобелови награди за мир и се гордее на голем број други престижни признанија. Но, најважната награда што ја добива оваа организација е секојдневната благодарност на илјадници луѓе кои ја добиваат потребната помош преку Црвениот крст и Црвената полу-месечина.

Ниту една институција, ниту една државна комисија, не може да ја замени потребата од индивидуалното чувство за одговорност и поттик за акција. Не постои замена за доброволниот и слободен ангажман на граѓанинот, на поединецот. Притоа, се разбира дека еден човек сам по себе не може многу да помогне.

Но, кога еден систем како што е Црвениот крст ќе ги собере нашите индивидуални напори и ќе ги насочи таму каде што е најпотребно, тогаш нема граница на тоа што можеме да постигнеме. Мораме да се присетиме на традицијата самите да подадеме рака на помош и поддршка, кога е најпотребно.

Затоа, многу е важно духот на солидарноста да го негуваме секогаш. Не мора да чекаме да се случи некоја трагедија за да бидеме поттикнати на солидарност. Напротив, нашите секојдневни мали и постојани примери на хуманост и помош можат да се соберат во голем и силен бран. Не мора да зборуваме за големи теми за да бидеме поттикнати на акција.

Се гордееме со бројот на луѓето што помогнале во неговата благородна мисија. Тоа е обврска и за нас, денес да помагаме таму каде што е најпотребно. И затоа дозволете ми во име на сите граѓани на Република Македонија да го честитам јубилејот на Црвениот крст. Заедно да ја прославиме 65 годишнината, и уште долго заедно да го одбележуваме овој ден.

Ви благодарам.

  Back<<Назад