Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на доделувањето на наградата "Борис Трајковски" на пратеникот во Европскиот Парламент Бернд Поселт
Сабота, 29 Мај 2010   

Дами и господа, драги пријатели. Дозволете ми најпрво срдечно да ве поздравам и да изразам задоволство од одржувањето на конференцијата на Паневропската унија. Се надевам дека имавте плодни дискусии и дека можевте барем малку да поуживате во убавините и гостопримството на Македонија, нешто по што сме надалеку познати.

Почитувани,

Паневропската унија континуирано го поддржува развојот, продлабочувањето и проширувањето на својата идејна ќерка, Европската унија. Во таа смисла, Паневропската унија придонесе за постигнување и на последниот договор, Лисабонскиот договор, што е уште еден чекор во насока на географското и политичкото обединување на цела Европа во рамките на Европската унија. По Лисабонскиот договор, ЕУ претендира да биде релевантен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без отвореност кон она што претставува природен дел од поширокиот и заеднички европски простор.

Денес Европа, закрепнува од големата економска криза. Во време на предизвици, кога постои несигурност, кога се преиспитуваат сопствените капацитети и потенцијали, кога повторно Европа е упатена во заедничка акција за соочување со проблемите, потребно е да се истрае на вистинскиот пат. Затоа, економското закрепнување на Европа не треба да биде на штета на визијата за обединета Европа. Не треба да се дозволи факелот на Калерги за европското обединување да згасне, факел кој му беше предаден на Ото фон Хабзбург. Економското закрепнување мора да води сметка за визијата на Паневропската унија. Визија на градителите на Европа.

Со Лисабонскиот договор, Европската унија се стекна со ново кормило кое ќе му овозможи на европскиот брод посигурно да маневрира во светските води. Паневропската унија ја има улогата на компас, кој што без разлика на предизвиците и невремињата, секогаш ја покажува вистинската насока во која треба да оди ЕУ, кон која треба да се стреми Европа. Денес, овој компас упорно покажува кон југоистокот на Европа.


Почитувани,

Преку ширењето на идејата за обединета Европа, ние најдобро се бориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на индивидуалното право на идентитет и достоинството. Тоа е рецептот на европското помирување, обединување и единство врз здрави основи.

Европа, која се темели на тие вредности, треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Македонија да останат доследни и принципиелни. Ги охрабруваме што почесто да го користат компасот на обединувањето и единството. Лисабонскиот договор ни ја нуди шансата. Во име на заедничката иднина, во име на аманетот на оние кои го градеа обединувањето, денешното лидерство во Европа треба да покаже визија и да ја искористи можноста.

На крајот, радосен сум што денес еден докажан пријател на Македонија ја добива наградата “Борис Трајковски“, пријател кој, повеќе од две децении силно ја поддржува Македонската независност и правото на национален идентитет и просперитет на нејзиниот народ. Господинот Бернт Поселт ги следи своите политички идеи, принципи и идеали доследно, а не под влијание на дневната политика. Тој е силен глас во Европскиот парламент за правата на сите помали европски држави на сопствен идентитет и интегритет. Симболиката е дотолку поголема што токму господинот Бернт Поселт е мој личен пријател но беше и личен пријател на покојниот претседател Трајковски. Претседател кој со своето животно дело може да се вброи меѓу градителите на новата и обединета Европа. Визија која ја дели и господинот Поселт и Паневропската унија.

Ви благодарам.

  Back<<Назад