| Изјава на Претседателот Иванов по повод денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг | |
|
|
Денес сме сведоци на една исклучително значајна пресуда на Меѓународниот суд на правдата во полза на Република Македонија. Оваа пресуда значи јасна потврда и оправданост, која дава дополнителен меѓународен углед на државната политика на Република Македонија водена во изминатиот период. Највисокиот судски авторитет во меѓународното право пресуди дека Република Грција ја прекрши Времената спогодба со попречувањето на нашето членство во НАТО. Република Македонија затоа бара од Република Грција, истото што го побара Меѓународниот суд на правдата, почитување и ефективна примена на Времената спогодба, како единствен документ кој ги регулира односите меѓу нашите две држави. Наместо да го попречува, Република Грција треба да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации во согласност со Времената спогодба. Меѓународниот суд на правдата потврди дека Република Македонија ја нема прекршено Времената спогодба, притоа отфрлајќи ги приговорите на Грција. Таквиот одговорен однос е трајна определба на Република Македонија. Ние и натаму целосно посветено ќе ја почитуваме Времената спогодба. Конструктивно како и досега, во добра верба, ќе ја почитуваме рамката во која се водат разговорите под покровителство на ООН и ќе учествуваме во процесот со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Бараме Република Грција да ја прифати оценката на Меѓународниот суд на правдата дека Република Македонија нема извршено прекршување на обврската за добрососедски односи од Времената Спогодба.
Пресудата ја гледаме како позитивен импулс и сметаме на соработката на нашиот сосед Грција во духот на пријателството, разбирањето и меѓусебното почитување. Ви благодарам.
|
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Во овој момент не сакаме да гледаме низ категориите победници и поразени. Треба заедно да работиме со Република Грција на нашата заедничка иднина и иднината на нашиот регион. Ние повторно подаваме рака на пријателство и добрососедство кон Република Грција.










