| Средба со амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на ООН | |
|
|
На средбата се разменија мислења и информации по вчерашната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Претседателот Иванов пред амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на ООН побара почитување и ефективна примена на Времената спогодба, односно истото што го побара Меѓународниот суд на правдата. - Бараме целосно почитување на пресудата и Времената спогодба преку почитување на меѓународното право, истакна Претседателот Иванов. Македонскиот претседателот изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за деблокада на нашите евро-атлантски интеграции и ќе создаде попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН за разговорите со Република Грција за разликата околу нашето уставно име. Претседателот Иванов нагласи дека нема подобар начин за Република Грција да ја демонстрира својата добра волја за добрососедство, од тоа да се воздржи од натамошно кршење на Времената спогодба. - Ова е суштинското прашање во овој момент, заклучи македонскиот претседател.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (САД, Руска Федерација, Велика Британија, Француска Република и Народна Република Кина) акредитирани во Република Македонија.










