|
Честитика до претседателот Бронислав Коморовски по повод Денот на независноста на Полска
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста на Република Полска испрати честитка до Претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски.
Почитуван господине Претседател,
По повод Денот на независноста на Република Полска, ми претставува особена чест и задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја и на пријателскиот полски народ.
Изразувајќи задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Полска, убеден сум дека истите со заеднички ангажман, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање ќе ги унапредуваме и интензивираме со понагласена динамика во сите сфери од заемен интерес.
Дозволете ми во оваа убава прилика да изразам благодарност за поддршката од Република Полска, во реализација на своите стратешки цели. Имајќи ги предвид заедничките заложби за обединета, стабилна и просперитетна Европа, уверен сум дека таквата поддршка нема да изостане, особено во овој исклучително значаен период, кога Република Полска претседава со Европската унија. Верувам дека Република Полска ќе помогне на претстојниот Европски совет на Република Македонија да и биде овозможено да ја продолжи следната фаза од интеграцијата - одредување датум и почеток на пристапните преговори.
Почитуван господине Претседателе, во очекување на наша скорешна средба, примете ги изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов
|