Средба со Премиерот на Република Албанија, Сали Бериша
Среда, 09 Ноември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (9 ноември) го прими Претседателот на Владата на Република Албанија д-р Сали Бериша.

На средбата, Претседателот Иванов и Премиерот Бериша ги разгледаа билатералните односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници оценија дека Македонија и Албанија одржуваат блиски и пријателски односи и дека оваа соработка служи како пример во регионот.

Претседателот Иванов и Премиерот Бериша истакнаа дека Македонија и Албанија споделуваат заедничка стратегиска цел за евро-атланско интегрирање. Беше истакнато дека конкретните чекори меѓу земјите од регионот за полесна размена на луѓе и за поедноставна трговска размена е значајна подготовка за функционирањето на регионот како дел од обединета Европа.

Двајцата соговорници особено се задржаа на потребата од натамошно инфраструктурно и енергетско поврзување, за подобрување на граничната инфраструктура и сите останати мерки кои ќе придонесат за натамошен зголемен обем на трговска размена. Претседателот Иванов и Премиерот Бериша воедно ја истакнаа важноста од заеднички настап на државите од регионот во проекти од взаемен интерес, како што е поврзување на Јадранско-Јонската магистрала со Коридорите 8 и 10.

 

  Back<<Назад