Новоименуваниот амбасадор на Полска, Пжемислав Чиж ги предаде акредитивните писма
Вторник, 08 Ноември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република  Полска во Република Македонија, Пжемислав Чиж.

На средбата со амбасадорот Чиж, Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и плодниот политички дијалог, нагласувајќи дека постои огромен потенцијал за натамошно проширување на севкупната соработка, особено во сферата на економијата.

Претседателот Иванов истакна дека Република Полска е еден од најзначајни партнери на нашата земја, со која негуваме традиционални односи на пријателство. Поддршката за членство на Македонија во Европската унија и НАТО, како и ставот за употреба на уставното име на државата, се високо ценети од страна на македонските граѓани. Претседателот изрази очекување дека Република Полска, како актуелен претседавач со ЕУ, ќе помогне во одредувањето датум за отпочнување преговори на декемврискиот состанок на Европскиот совет, нагласувајќи дека граѓаните на Република Македонија очекуваат еднаков и фер третман, како и дека ќе биде овозможено интеграциите да се движат паралелно со процесот на надминување на билатералните прашања.

„Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет. Република Македонија е охрабрена од заложбата на полското претседателство за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан. Процесот на евроатлантска интеграција претставува еден од клучните интегрирачки фактори и двигател на реформските процеси во Македонија, поради што ужива апсолутен политички, етнички и социјален консензус,“ истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Чиж му ја пренесе на претседателот Иванов полската позиција како и ставот дека Република Македонија секогаш може да смета на нивната поддршка. Амбасадорот Шиж нагласи дека ќе продолжи целосно да ги поддржува напорите на земјата за евро и евро-атлантска интеграција.

Двајцата соговорници разменија информации и за развојот и подобрувањето на инвестициската и на вкупната деловна клима во земјата и можностите за идни полски инвестиции.
 

  Back<<Назад