| Честитка по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам | |
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.
Почитуван Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верисповед во Република Македонија, да упатам најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.
Курбан Бајрам е празник на солидарноста, споделувањето и зближувањето. Ден кога благосостојбата и подава рака на сиромаштијата, ден кој ги нагласува сите човечки доблести. Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија споделувајќи љубов со ближните.
Токму во овој дух нека помине и годинешново празнување, во кое сите граѓани на Република Македонија, со почит и разбирање ќе ги споделат заедничките вредности на хуманизам, помагање и солидарност.
Во оваа прилика би сакал да подвлечам дека на искушенијата и предизвиците со кои нашето општество и држава се соочуваат, можеме да одговориме само преку заедничкиот јазик на единството. Зашто само обединети можеме да чекориме по патот на успехот и напредокот. Овој празник нека нé обедини во нашите заеднички заложби за изградба на просперитетна Република Македонија.
Уверен сум дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество, и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.
На крај на сите наши граѓани кои се наоѓаат во Мека им го честитам крунисувањето на аџилакот.
Среќен Курбан Бајрам!
Д-р Ѓорге Иванов
|












