Новоименуваниот амбасадор на Романија, Јустинијан Фокша ги предаде акредитивните писма
Петок, 04 Ноември 2011   

alt

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Романија во Република Македонија, Н.Е. Јустинијан Фокша.

 

Соговорниците изразија взаемно задоволство од високото ниво на меѓусебните односи на двете држави. Претседателот Иванов нагласи дека редовните контакти кои се остваруваат на секое ниво го јакнат политичкиот дијалог меѓу двете земји и позитивно влијаат врз интензивирањето на односите и соработката во сите сфери. Во тој контекст е и мојата неодамнешна официјална посета на Романија и остварените средби со претседателот Басеску, претседателот на Сенатот - Џоана и премиерот Бок, рече претседателот Иванов.

 

Македонскиот претседател изрази благодарност за силната и јасно искажана поддршка од Романија за напорите и активностите што ги вложува Македонија за што поскоро приклучување кон НАТО и кон Европската унија. Република Македонија три пати по ред добива препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори, од декемврискиот Европски совет очекувам да се помести статус кво состојбата, подвлече Претседателот Иванов.

 

Амбасадорот Фокша изрази уверување дека Романија ќе продолжи да биде поддржувач и партнер на Република Македонија за што поскоро постигнување на конечната цел, полноправно членство во НАТО и ЕУ, што ќе придонесе и за стабилноста и за напредокот на целиот регион.

 

Претседателот Иванов и амбасадорот Фокша изразија задоволство од нивото на економската соработка и потенцираа дека постои огромен потенцијал во двете земји за уште поголема развојна динамика во соработката во оваа област.

  Back<<Назад