Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Црна Гора
Петок, 12 Декември 2014   

akreditivi_cg_-_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Црна Гора во Република Македонија, Н.Е. г. Предраг Митровиќ.

На средбата, претседателот Иванов, изрази задоволство од искреното пријателство што ги карактеризира односите меѓу Република Македонија и Црна Гора, кои претставуваат позитивен пример во регионот, како и од континуираниот отворен дијалог и плодната соработка во сите области од заеднички интерес.

„Членството во НАТО и ЕУ и регионалната соработка со цел стабилност и просперитет на нашиот регион, се сфери во кои бележиме плодна соработка", истакна претседателот Иванов во своето обраќање, и изрази очекување за натамошно интензивирање и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

Црногорскиот амбасадор г.Митровиќ, истакна дека односите меѓу Црна Гора и Република Македонија се блиски, традиционално добри, без отворени прашања, и додаде дека ќе се заложи за продолжување и зајакнување на политичките и економските релации.

„Нашите две земји имаат не само иста географска област, но, и исти надворешно политички цели кои се однесуваат на зајакнувањето на регионалната соработка и европските и евроатлантските интеграции", порача амбасадорот г. Митровиќ.

Претседателот Иванов, му честита за функцијата на новоименуваниот амбасадор, и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.
akreditivi_cg_-2

  Back<<Назад