Честитка по повод еврејскиот празник Ханука
Понеделник, 15 Декември 2014   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејски празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, Претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо Николиќ,

Со особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија како и од свое име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија Ви упатувам искрени честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука.

Секој народ има своја историја и свои херои, победи и загуби, но она што нè сплотува е човечноста и хуманоста, желбата да се помогне и да се биде дел од заедништвото. Палењето на свеќите на Ханука ја слави победата над темнината, симболиката на победата на доброто над злото е и денешна водилка во совладувањето на предизвиците. Овој празник нè потсетува дека треба да ги негуваме семејните и традиционалните вредности за да создадеме подобра иднина. Уверен сум дека Еврејската заедница, која е почитувана и ценета во Република Македонија, ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка иднина.

Честитајќи го празникот кој ги слави слободата и светлината, на сите припадници на Еврејската заедница во земјава им посакувам мир и благосостојба со желба празникот да го поминат во семејно опкружување со веселба и смеа.

Хаг Ханука Самеах


д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад