Врачена Плакета на претседателот Иванов за придонес во унапредување на безбедноста на сообраќајот
Вторник, 11 Декември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги  прими претставниците од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На средбата, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Никола Ангеловски, на претседателот Иванов му врачи Плакета за неговиот придонес во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот и за поддршката во спроведувањето на Националната стратегија за нула деца - жртви во сообраќајот.

„Вашето ангажирање за унапредување на безбедноста на сообраќајот и намалување на бројот на деца - жртви во согласност со Националната стратегија дава соодветни резултати, и бројот на деца - жртви секоја година е сè помал”, истакна Ангеловски.

Претставниците на РСБСП, воедно  го информираа претседателот Иванов за нивните активности, согласно препораките на Обединетите нации, со цел подигнување на јавната свест за безбедноста на сообраќајот.

Претседателот Иванов истакна дека безбедноста во сообраќајот е прашање од огромна важност за секого и неопходност којашто постојано треба да се унапредува и актуелизира.

„Подигнувањето на општата јавна свест за низата одговорности на секој поединец во сообраќајот, е задача исправена пред сите нас, која бара вклучување на сите релевантни фактори”,  потенцираше претседателот Иванов, кој изрази поддршка на активностите на Републичкиот совет и на создавањето на ефикасен  систем за едукација на децата за одговорно и безбедно функционирање во сообраќајот.


  Back<<Назад