Честитка по повод државниот празник 8 Декември - Свети Климент Охридски
Сабота, 08 Декември 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот празник Св. Климент Охридски.

Празникот посветен на свети Климент Охридски, основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на првиот словенски универзитет, и подвижникот на словенската писменост и култура, е настан кој ги надминува националните рамки и има огромно значење за европската култура и цивилизација. Токму визијата на свети Климент Охридски и на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј, за зближување на сите народи  и за градење на просперитетен, слободен и хуман свет e вградена  во темелите врз кои денес опстојува човечката цивилизација.

Почитта и чествувањето на свети Климент Охридски е наша национална  гордост и траен влог во просперитетна иднина.
Делото на свети Климент и натаму нека ни биде водилка пред новите искушенија и предизвици, и нека ни даде духовна сила и мудрост да излеземе посилни и поблагородни.

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад