Честитка по повод 11 Октомври - Денот на народното востание во Република Македонија
Четврток, 11 Октомври 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание во Република Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Денес со особена гордост го прославуваме денот на народното востание 11 Октомври. Пред 71 година македонските граѓани заедно со останатиот правдољубив и демократски свет застанаа против фашизмот како најголемо зло за човештвото, потврдувајќи ги своите слободарски традиции. По почетокот на вооруженото востание следеше долга и макотрпна борба за конечно ослободување која кулминираше со Првото заседание на АСНОМ каде што се  удрија темелите на независна Република Македонија.

Прославата на 11 Октомври е уште една можност да се присетиме и да им се заблагодариме на сите знајни и незнајни херои од НОБ, кои ги дадоа своите животи за слободата на Република Македонија. Благодарение на нив денес можеме слободни, свои на своето, сами да ја градиме и да решаваме за својата иднина.

На овој светол празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата. Оттука, нашето членство и припадноста во евроатлантските структури, како репери на денешниот напреден свет е сосема природно и заслужено.

Почитувани граѓани, Ви го честитам празникот.
За многу години демократска, слободна и суверена Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад