|
Поддршката од Унгарија е од клучна важност - Средба со претседателот на унгарскиот Парламент, Ласло Ковер
|
|
Четврток, 18 Октомври 2012
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Парламентот на Унгарија, д-р Ласло Ковер, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог, што ги отсликува одличните билатерални односи. Централни теми на разговор беа евроатлантските интеграции, парламентарната соработка, интересот и можностите за продлабочување на економската соработка. Претседателот Иванов и претседателот на унгарскиот Парламент ја поздравија парламентарната димензија, како исклучително значајна во севкупната соработка меѓу двете земји. Македонскиот претседател ја поздрави подготвеноста за продлабочување на соработката на ова поле, на експертско и техничко ниво.
Во однос на евроинтеграциите, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната безрезервна поддршка од Унгарија и го поздрави предлогот на Европската комисија за отворање на претпристапните преговори за членство со паралелно решавање на спорот со името. Mакедонскиот претседател изрази надеж дека поддршката од Унгарија ќе биде потврдена и на претстојниот состанок во декември, што е од клучна важност за Република Македонија. Двајцата соговорници изразија согласност дека евроатлантските интеграции за земјите од Западен Балкан се незапирлив процес кој ќе донесе траен мир и стабилност во региионот.
Во однос на економијата, претседателот Иванов ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на бизнис и трговската соработка.
Претседателот на унгарскиот парламент изрази интерес за состојбите регионот, при што претседателот Иванов му ги претстави приоритетите на македонското претседавање со двете значајни регионални иницијативи - Процесот за соработка во ЈИЕ и Дијалогот меѓу цивилизациите. Двајцата соговорници искажаа подготвеност за натамошна взаемна поддршка и соработка и на мултилатерален план.
|