Не постои ниту еден рационален аргумент Македонија да не добие датум за преговори – предаден Извештајот за напредокот
Среда, 10 Октомври 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, кој му го врачи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2012 година, подготвен од Европската комисија.

На средбата, евроамбасадорот Орав го информираше претседателот Иванов за клучните оценки на Европската комисија во кои се нотирани прогресот кој Република Македонија го постигна годинава и упати честитки за напорите кои ги вложува нашата држава, на сите полиња, важни за создавањето на една позитивна клима во целото општество.

Претседателот Иванов истакна дека Извештајот на Европската комисија и оваа година, дава реална слика на сработеното и на постигнувањата на земјата, изразувајќи задоволство од оценките и потврдената препорака за подготвеноста на Република Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Македонскиот претседател посочи дека извештајот е најдобар показател каде да се фокусира енергијата, дополнувајќи дека во претстојниот период ќе го вложи својот авторитет сите институции во Република Македонија да се фокусираат кон вложување на дополнителни напори со цел оставарување на реформската агенда. – Барам сите општествени фактори да се обединат и да го дадат својот придонес во исполнувањето на евро-атлантската агенда на Република Македонија, истакна претседателот Иванов.

„Посветеноста на Македонија кон реформските процеси останува на високо ниво и сметам дека не постои ниту еден рационален аргумент зошто Македонија да не добие датум за почеток на пристапните преговори во декември,“ рече претседателот Иванов. „Верувам дека на следниот Европски совет, членките на ЕУ ќе покажат лидерство и решителност, и ќе се помести status quo состојбата во македонските интеграции.“

Амбасадорот Орав изрази надеж за што поскоро отпочнување на преговорите за членство кои ќе ја доведат Македонија до остварување на нејзината стратегиска цел - полноправно членство во ЕУ.


  Back<<Назад