|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама.
Почитуван г-дине Претседател,
Одбележувајќи ја 11-годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001 година кои ја потресоа Вашата голема нација, но и сите слободољубиви нации низ светот, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да ја изразам нашата тага и жал за големите човечки загуби кои ги претрпе Вашата земја и пријателскиот американски народ.
11 години по терористичките напади, слободниот свет одбивајќи да живее во страв од злото на денешницата, создаде единствен фронт во борбата против меѓународниот тероризам. Врз благородната мисија за заштита на слободата, демократијата и човековите права, како споделени вредности, се темели и постојано унапредува стратешкото партнерство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави.
Сеќавајќи се со тага на жртвите, на нивните блиски и на секое натажено семејство во Соединетите Американски Држави, сакам да Ве уверам господине Претседателе, дека Република Македонија, како верен и докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот со истата решителност како и досега.
Ве молам, почитуван Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов
|