Модерната дипломатија ги пронаоѓа заедничките интереси - Новите амбасадори на Естонија и Израел ги предадоа акредитивите
Понеделник, 10 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Државата Израел, Н.Е. г. Јозеф Амрани и новоименуваниот амбасадор на Република Естонија, Н.Е. г. Арти Хилпус.

Во поздравните говори на примопредавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со новоименуваниот Амбасадор на Република Естонија, соговорниците ги потврдија одличните релации на политичко ниво и изразија очекување за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји и јакнење на соработката во сферите од заемен интерес, особено во делот на информатичката технологија за што Република Естонија важи за европски лидер.

„Република Македонија е силно посветена и непоколебливо опстојува на реализацијата на своите стратешки цели: членство во Европската унија, НАТО, развојот на добрососедските односи и на регионалната соработка, на политиката на отвореност кон сите. Верувам дека Република Естонија, како и досега, ќе продолжи да ги поддржува стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија и правилно да го вреднува нашиот прогрес и постигнувања,“ истакна претседателот Иванов, заблагодарувајќи се за досегашна поддршка од Република Естонија во македонските евро и евро-атлантски интеграции и изразувајќи интерес за споделување на естонските искуства на овој план.

Амбасадорот Хилпус ја потврди поддршката за македонските евроинтеграции, потенцирајќи дека Естонија верува, оти Македонија е подготвена да ги отпочне преговорите за членство во Европската Унија на крајот на оваа година и дека пристапниот процес и натамошните реформи нема да бидат попречени од спорот со името. Амбасадорот Хилпус, изрази силна поддршка и за македонското членство во НАТО, истакнувајќи дека Македонија заслужува признание за напорите кои ги прави во претпристапниот процес.

„Сакаме да ја видиме Македонија како членка на Алијансата,“ истакна амбасадорот Хилпус, додавајќи дека од земјите од Западен Балкан, Република Македонија е најактивен партнер на Естонија и пренесе поздрави и честитки од естонскиот претседател по повод Денот на независноста.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Државата Израел, Н.Е. г. Јозеф Амрани, беше констатирано дека меѓу двете земји е постигнат висок степен на политичките односи, беше изразено задоволство од одличните мултилатерални односи и интерес за продолжување на трендот на размена на посети на виско и највисоко ниво меѓу двете држави.

„Сметам дека приоритет во односите меѓу двете земји во претстојниот период треба да биде натамошно унапредување на економската соработка, јакнење на трговската размена и натамошно зголемување на израелски инвестиции во Македонија. Посебно сум задоволен од јакнењето и проширувањето на правната рамка меѓу Република Македонија и Државата Израел,“ истакна претседателот Иванов во поздравниот говор.

Како дипломат и амбасадор, ве уверувам г. Претседателе дека ќе бидам страстен промотор на политиката и интересите на вашата земја, на природните убавини и на културата сцена, на економијата и општеството и, најважно, достапен и посветен пријател во градење на соработката. Модерната дипломатија треба да се базира на пронаоѓање на заеднички основи, интереси и потреби. Никој не може да одлучува и да пресудува за приоритетите и политиките на некој друг, напротив треба взаемно да учиме од нашите искуства и да ги споделуваме со пријателските нации, истакна амбасадорот Амрани на свечената церемонија, пренесувајќи поздрави од израелскиот претседател, Шимон Перес.

Претседателот Иванов го запозна соговорникот со надворешно политичките цели на Република Македонија. Двајцата соговорници разменија мислење за состојбите во регионот на ЈИЕ како и за најновите случувања на Блискиот Исток.
 

  Back<<Назад