Честитка од претседателот Иванов до сите православни верници по повод празникот Успение на Пресвета Богородица
Понеделник, 27 Август 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, по повод христијанскиот празник „Успение на Пресвета Богородица“.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми од мое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично и на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да го честитам христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

Ви посакувам празникот кој го слави денот на радосното преселување на Божјата мајка на небото, да го поминете во спокој и хармонија, опкружени од своите најблиски и исполнети со радост.

Празникот Успение на Пресвета Богородица има особено значење за сфаќањето на смислата и вредноста на нашите животи. Затоа постојано вдахновени од неизмерната и безрезервна љубов и мајчинска грижа на Пресвета Богородица, од нејзината добрина, кроткост и трпеливост, да живееме сакајќи ги нашите најблиски и градејќи почит кон своите родители и разбирање и љубов кон своите деца.

Нека е честит празникот и за многу години!

Д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад