| Честитки од шефови на држави до претседателот Иванов по повод 8 септември - Денот на независноста | |
|
|
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, во името на американскиот народ упати честитка до македонскиот народ по повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септември. „Соединетите Американски Држави го вреднуваат партнерството со Македонија, кое континуирано се гради во изминатите две децении од денот на независноста на Македонија. Ние продолжуваме со поддршката на напорите за јакнење на македонските мултиетнички и демократски институции и јакнење на владеењето на правото. САД силно го ценат македонскиот континуиран придонес во меѓународните безбедносни напори во Авганистан, каде што македонските војници стојат рамо до рамо со нивните американски партнери. Остануваме цврсто посветени на македонските евро-атлантски интеграции како клуч за нашата заедничка цел - обединета Европа, слободна и во мир”, пишува во честитката од претседателот Обама до претседателот Иванов. Во својата порака, Претседателот на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук, испраќајќи ги своите честитки до граѓаните на нашата држава, вели дека препораките на Европската Комисија за отпочнување на преговори за членство со ЕУ и отпочнувањето на Дијалогот на високо ниво со ЕК, претставуваат важни етапи. „Германија и понатаму ќе биде на страната на Република Македонија како партнер”, пишува во пораката од Претседателот Гаук до Претседателот Иванов. Претседателот на Република Турција, Абдула Ѓул, во името на турскиот народ и во свое лично име со најискрени чувства упатува честитки по повод празникот, стои во пристигнатата честитка. „Посетите на високо ниво помеѓу двете земји, нашите заеднички вредности и ефективната солидарност искажана во меѓународните институции, претставуваат конкретен показател на светлата иднина на нашите односи, втемелени на здрави основи”, пишува турскиот претседател. Унгарскиот претседател, Јанош Адер, изразува големо задоволство што односите меѓу Македонија и Унгарија се одлични и што соработката заснована врз заемни вредности постојано се унапредува. „Убеден сум дека Република Македонија, која го избра патот кон евро-атлантската интеграција успешно ќе ги надмине сите препреки кои стојат пред неа и ќе постигне нови резултати во унапредувањето на земјата”, стои во писмото од унгарскиот претседател. Словачкиот претседател, Иван Гашпарович, изразува уверување за активна поддршка од Словачка во интеграциските напори на Република Македонија, во европските и евро-атлантските структури.„Убеден сум дека историски - пријателските односи и разбирања кои ги поврзуваат нашите нации, и понатаму ќе се унапредуваат, а соработката меѓу Словачка и Македонија ќе се развива за доброто на граѓаните на нашите две земји”, стои во честитката од претседателот Гашпарович. По повод Денот на независноста на Република Македонија, честитка до македонскиот претседател упати и Претседателот на Швајцарската конфедерација, Евелин Видмер Шлумф. „Ви посакувам Вам добро здравје и благосостојба и просперитет на Вашата држава. Убедена сум дека довербата и пријателството меѓу нашите две земји во годината што следи ќе се продлабочат”, стои во честитката упатена од Видмер Шлумф. Од името на народот на Украина честитка упати и претседателот Виктор Јанукович, во која пишува дека Украина и Република Македонија обединети, традиционално со пријателски односи на партнерство и понатаму ќе ја развиваат плодната соработка врз основа на принципите на довербата и меѓусебната почит. Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во својата честитка истакнува дека Република Бугарија и Република Македонија се суверени држави чија сегашност и иднина се неразделно поврзани. „Затоа го делам Вашето верување дека Европската унија е обединувачка идеја и ја поздравувам вашата изјава дека мора да ја оставиме историјата на историчарите. Основата на европската идеја е, имено, да биде невозможно поделбите во врска со минатото да ја нарушат нашата заедничка иднина. Политичката изјава дадена од највисоката европска говорница, се надевам, го одразува мислењето на мнозинството на општеството во Вашата земја, порачува претседателот Плевнелиев. Нашата заедничка одговорност е да ги зајакнеме добрососедските односи, да бараме согласност, да се спротивставуваме на поделби и најмногу од сè - да се залагаме за просперитет на нашите општества”, пишува во честитката. По повод Денот на независноста, во име на грчкиот народ и негово лично име, честитка до претседателот Иванов, со желби за благосостојба, просперитет и напредок, испрати и грчкиот претседател Каролос Папуљас. Честитки по повод Денот на независноста до претседателот Иванов со искрени желби за среќа и просперитет на народот на Република Македонија, упатија и британската Кралица Елизабета II, Кралот на Шведска, Карл Густав XVI, императорот на Јапонија, Акихито, Кралот на Мароко, Мухамед VI, Емирот на Државата Кувајт, Шеих Сабах Ал Ахмад Ал Јабер Ал Сабах. Писма со честитки по повод Денот на независноста, до претседателот Иванов испратија и претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс, претседателот на Република Естонија, Томас Хендрик Илвес, претседателот на Република Казахстан, Нурсултан Назарбаев, претседателот на Демократска Република Лаос, Чумали Сајасон, Генералниот Гувернер на Комонвелтот на Австралија, г-ѓа Квентин Брус, Генералниот секретар на Франкофонијата, Абду Диуф.
|
По повод празникот 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доби честитки од голем број шефови на држави од светот.










