Честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод започнувањето на рамазанските пости
Петок, 20 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод започнувањето на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и до сите граѓани од исламската вероисповед:

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница, на муфтиите и имамите и на сите сограѓани припадници на исламската вероисповед, посакувајќи да ги поминете во духот и традицијата на Вашата вера.

Соработката и соживотот се приоритет за секој граѓанин на Република Македонија и претставуваат основа за изградба на просперитетно и хармонично општество. Традициите на исламската религија се нераскинлив дел од нашето културно наследство и се втемелени во нашето секојдневје. Апсолутно сум уверен дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи да придонесува за меѓусебно разбирање и почитување на сите граѓани.

Најискрено посакувам возвишениот месец Рамазан да биде исполнет со мир, здравје, радост и благосостојба.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад