|
Честитка од претседателот Иванов до новоизбраниот претседател на Република Албанија, Бујар Нишани
|
|
|
Почитуван господине Нишани,
Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Република Албанија. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за добро здравје и лична среќа.
Ја користам оваа свечена пригода да го изразам задоволството од висoкиот степен на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија и да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и на мултилатерален. Искрено се надевам дека ќе ја продолжиме успешната и плодната соработка, која ја остварувавме со Вашиот претходник.
Дозволете ми во оваа прилика да ја истакнам мојата, и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и за продлабочување на политичкиот дијалог со Република Албанија. Сигурен сум, дека нашите заеднички заложби во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот ќе придонесат за негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. Целосно сме подготвени за тесна соработка на тој план.
Со надеж дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов
|