|
Писмо до претседателот Иванов од грчкиот претседател Папуљас
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими писмо од Претседателот на Република Грција д-р Каролос Папуљас. Писмото претставува благодарност на претседателот Папуљас за честитката упатена од страна на претседателот Иванов по повод Националниот ден на Република Грција. Следи интегралниот текст на писмото:
Ваша Екселенцијо, би сакал да ја изразам својата искрена благодарност за честитката упатена по повод Националниот ден на Грција, како и за Вашите желби упатени до Грчкиот народ.
Грција останува целосно посветена на изнаоѓањето фер и одржливо решение за прашањето за името преку преговорите под покровителство на Обединетите Нации. Конечното решавање на ова прашање ќе ни овозможи да го искористиме големиот потенцијал на нашите билатерални односи и ќе придонесе значително во консолидирањето на безбедноста, стабилноста, добрососедските односи и развојот на нашиот регион, особено преку Европската перспектива на Западен Балкан.
Ве молам, примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.
Каролос Папуљас
|