|
Честитка до христијанските верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до скопскиот бискуп и апостолски егзарх г-н Киро Стојанов, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
Почитувани, Mи претставува особено задоволство и чест на сите христијански верници кои се водат според Грегоријанскиот календар, да им го честитам големиот христијански празник, празникот над сите празници – Христовото воскресение – Велигден.
Во предвечерието на празникот на светлината имаме можност да ги потврдиме нашите заеднички заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како стожерна вредност на нашето општество и на сиот цивилизиран свет.
Велигден е неодминлив патоказ дека вдахновени од примерот на Христа, можеме да ги надминеме сите голготи и предизвици. Во време на наплив од минливи вредности и краткотрајни задоволства, да не заборавиме да го следиме патот на светлината и добрината, и да не се штедиме да се даруваме себеси на другите, негувајќи љубов кон нашите сограѓани и работејќи на просперитетот на нашата татковина.
Најсрдечно Ви посакувам Велигден да го поминете во мир, добро здравје, радост и благосостојба, споделувајќи безусловна љубов со вашите најблиски.
Христос воскресна, навистина воскресна!
д-р Ѓорге Иванов
|