Писмо до Претседателот на Руската Федерација Дмитриј Медведев
Петок, 25 Јуни 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес упати писмо до Претседателот на Руската Федерација г-дин Дмитриј Медведев. Во писмото се изразува благодарност за гостопримството укажано од страна на Претседателот Медведев при неодамнешната посета на Претседателот Иванов. Следи текст на писмото:

 

Почитуван господине Претседател.
Драг пријателе, 
По моето враќање во Скопје, сакам повторно да Ви се заблагодарам за срдечниот и топол пречек, како и за прекрасното гостопримство кон мене, мојата сопруга и делегацијата, за време на работната посета на пријателската Руска Федерација и учеството на Петербуршкиот меѓународен економски форум 2010.
Ме радува, господине Претседателе, што на нашата средба одново беше потврдена заемната подготвеност за јакнење на односите на пријателство и за искористување на можностите за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација, во сите сфери од заемен интерес, кои констатиравме дека реално постојат. Посебно ме радува што доминантно место на нашата средба во Санкт Петербург имаа прашањата од економски интерес. Во таа насока, сакам да изразам задоволство од конструктивните средби со водечките личности на Лукоил и Газпром, кои ја нагласија нивната подготвеност за натамошна интензивирање и за нови и мошне значајни форми на соработката во енергетската сфера. Од особен интерес, во истата насока, е потпишувањето на спогодбата за клириншкиот долг меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Почитуван господине Претседател,

Сакам да нагласам дека мојата земја високо ја цени Вашата и искрената и принципиелна поддршка што Руската Федерација во континуитет и ја дава на Република Македонија. За нас од посебно значење е принципиелниот став на Руската Федерација во користењето на уставното име на Република Македонија. Ова е нешто што исклучително се цени од граѓаните на Република Македонија и од мене лично, за што Ви упатувам искрена благодарност. Имајќи ја предвид блискоста, големото и искрено пријателство меѓу нашите држави и народи, сигурен сум дека во периодот што следи со заемен ангажман ќе ги искористиме сите можности за уште поинтензивна и посодржинска соработка. Оттука, еден од најзначајните и најсилните импулси во односите меѓу нашите две земји ќе биде и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Искрено се надевам дека ќе ја имам пријатната улога на Ваш домаќин при потпишувањето на овој значаен документ.

Со такво уверување и надеж дека наскоро ќе можам да Ве поздравам во Република Македонија и да Ви го возвратам гостопримството, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов

 

Неговата Екселенција
г-дин Дмитриј Медведев
Претседател на Руската Федерација

МОСКВA

  Back<<Назад