|

Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, Ѓорге Иванов, Бамир Топи, Фатмир Сејдиу и Филип Вујановиќ денеска упатија порака до меѓународната заедница од нивната средба во косовскиот град Призрен, дека овие земји имаат исклучителна соработка, која се засили во изминатата година. Претседателите порачаа дека ниту еден граѓанин на овие земји не смее да биде изоставен од слободно движење и презедоа обврски за значително подобрување на инфраструктурата и енергетиката во регионот. На пленарниот состанок, шефот на македонската држава Иванов истакна дека сите проблеми и прашања во регионот мора да се решаваат со дијалог. - Комуникацијата ја враќа довербата меѓу страните. Би се радувале кога на некоја од следните средби би ги видиле и српскиот претседател Борис Тадиќ и грчкиот Каролос Папуљас - изјави Иванов. Домаќинот на средбата косовскиот претседател Сејдиу истакна дека главна тема на средбата било слободното движење на граѓаните и стоката, што е основа за интеграција во ЕУ. - Не радува што Македонија и Црна Гора имаат статус на слободно движење на граѓаните. Албанија е на прагот на добивањето на тој статус - изјави албанскиот претседател Топи, истакнувајќи дека исто така од оваа поволност не треба да бидат исклучени граѓаните на Косово. Вујановиќ рече дека треба да се афирмира вредноста на дијалогот, како подобрување на целосната атмосфера во регионот и потсети на разговорите што Македонија ги води со Грција во врска со разликите за името. - Имаме еден дијалог меѓу Македонија и Грција и сакаме што поскоро да заврши за Македонија побрзо да влезе во НАТО и во ЕУ. Вториот дијалог меѓу Србија и Косово треба да почне и да се заснова на фактите дека од една страна Косово е признато од 69 земји во светот, но и оти 123 држави - членки на ОН ја немаат признаено нејзината независност. Повод за дијалог треба да се најде токму во овие две реалности - рече црногорскиот претседател. Албанија исто така го поттикнува дијалогот меѓу Србија и Косово, како што рече претседателот Топи, но во услови на статус на взаемен суверенитет. Тој се заложи Косово да учествува на сите регионални средби, а не како што лобира Белград. Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, одговарајќи на новинарско прашање, оцени дека средбата во Призрен е добар модел на соработка меѓу земјите во регионот. Следната средба на четворицата претседатели предвидено е да се случи идната година во Македонија, а поканата за неа ја упати денеска претседателот Иванов. Македонскиот Претседател посочи дека во споредба со пред 10 години, очигледен е напредок во соработката меѓу овие четири земји, но и оти таа треба да продолжи да се развива, особено во однос на инфраструктурата и енергетиката. Претседателите Иванов, Топи, Сејдиу и Вујановиќ со порака дека треба да продолжи и соработката во борбата против организираниот криминал и владеењето на правото. Претходно денеска претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора остварија меѓусебни билатерални средби.
|