Иванов и Јагланд: Македонското претседателство со Советот на Европа добро напредува
Четврток, 24 Јуни 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Стразбур се сретна со Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд. Јагланд и Иванов констатирале дека Македонското претседателство со Советот на Европа оди многу добро.
- Задоволни сме од работите што ги преземате и задоволни сме што го имате  интегрирањето на различностите на агендата кое станува  се поважна тема во цела Европа, рече Јагланд.
Иванов повторно го подвлекол македонскиот модел на интеграција без асимилација како модел на идна Европа.
– Разговараме за периодот на македонското претседавање, за предизвидците со кои е соочен СЕ и за нашите позитивни искуства во однос на интеграцијата на различностите, а особено нашиот модел на интрегација како позитивен пример за иднината на Европа која се соочува со мултиетнички општества, рече македонскиот претседател.
- Генералниот секретар на Советот на Европа се придржува кон политиката на организацијата. Улогата на медиумите е да ги прикажуваат фактите, а не да ги искривуваат, а во овој случај се работи за искривување на фактите заради политички цели, изјави за македонските медиуми во Стразбур генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд во врска со инфорнмациите во грчките медиуми за наводен документ од Секретаријатот со кој се бара да не се применува терминот Македонско претседателство.
- Ние требаше да го информираме Секретаријатот за формалностите во однос на ова, за луѓето вработени во Секретаријатот да се придржуваат до формалната политика на Советот на Европа. Но, она што го видов во медиумите не се однесува на содржината на тој документ кој е употребен за политички цели, рече Јагланд по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Јагланд информираше дека за време на посетата на Скопје му пренесол на државниот врв дека е запознаен со намерата да го користат тоа име за време на претседавањето со СЕ, и оти Советот на Европа ќе го користи името под кое земјата е признаена во Обединетите нации.
- Тоа е многу важно бидејќи  спорот за името не се решава во СЕ туку постои процес во ОН. Важно е и дека ова претседателство има многу комплексна агенда, а прашањето за името не е на агендата, рече Јагланд.
Според претседателот Иванов, се создава конфузија во однос на примената на референцата под која сме примени во Советот на Европа и именувањето на претседателството со придавката македонско, кое, како што вели, не е спорно ниту во ОН ниту во СЕ.

  Back<<Назад