Средби со Претседателите Назарбаев и Алиев на Самитот во Истанбул
Вторник, 08 Јуни 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој во Истанбул учествува на третиот самит на Конференцијата за интеракција и градење мерки на доверба во Азија, вчера (7 јуни) имаше средби со Претседателот на Република Казахстан Нурсултан Назарбаев и со Претседателот на Република Азербејџан Илхам Алиев.
На средбите, Претседателот Иванов го истакна интересот на Република Македонија за засилување на дипломатските односи. Претседателот со своите колеги од Казахстан и Азербејџан ги разгледуваше можностите за продлабочување и интензивирање на билатералната соработка, вклучително и за средби на владино ниво, со цел суштински да се подготват посети на претседателско ниво. Претседателот Иванов прифати покани за посети на двете држави.
Тема на разговор на средбите со Претседателите Алиев и Назарбаев беа можностите за економска соработка и заокружувањето на правната рамка во економската сфера. Претседателот на Азербејџан изјави дека стопанственици од неговата земја се заинтересирани за инвестирање во регионот на Југоисточна Европа и изрази интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија. На средбата со Претседателот Назарбаев, покрај интересот на неговата земја за инвестирање во Балканот, беше разговарано и за перспективите кои се пружаат за учество на македонски компании на казахстанскиот пазар. Претседателот Назарбаев беше заинтересиран за можностите македонските компании да придонесат кон натамошната индустријализација на неговата земја.
На средбата со Претседателот Алиев, како водач на држава која е важен извозник на енергенси, била отворена можноста за поврзување на Република Македонија на планираните енергетски текови од средна Азија кон Европа. Претседателот Иванов оценил дека Македонија е заинтересирана да биде дел од проектите кои ќе го подобрат обезбедувањето на постојани извори на енергија за македонскиот и за европскиот пазар.
На политички план, главна тема на разговорите во Истанбул е дијалогот меѓу народите и државите на Азија и Европа. На средбите со Претседателите Алиев и Назарбаев, беше разговарано и за уникатниот македонски демократски модел, кој предвидува заедничко учество на сите заедници во носењето одлуки. Претседателите на Азербејџан и Казахстан изразија поддршка за главните стратегиски цели на Република Македонија - полноправното членство во НАТО и во Европската Унија.
Самитот во Истанбул е трета конференција за интеракција и градење мерки на доверба во Азија. Се работи за иницијатива поддржана од најголем број од азиските држави, чија цел е промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста во Азија. Претседателот Иванов на самитот учествува како гостин, во својство на претседавач со Советот на Европа. Во текот на денешниот ден предвидени се средби со домаќинот, Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул и со Принцот на Кувајт Ал Ахмед Ал Џабер Ал Сабах.

  Back<<Назад