Средба со Тони Хал, поранешен конгресмен и амбасадор на САД при ФАО
Четврток, 03 Јуни 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со Амбасадорот Тони Хал, поранешен пратеник во Претставничкиот Дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави. Амбасадорот Хал е поранешен претставник во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации.

Тема на разговорот беа пријателските и партнерски врски меѓу Македонија и САД. Двајцата соговорници ја истакнаа соработката која води кон заеднички настап пред предизвиците и тешкотиите со кои се соочува денешниот свет, на економски и безбедносен план.

Претседателот Иванов го истакна придонесот на САД за постигнување на мир и стабилност во нашиот регион и укажа на потребата оваа голема инвестиција да се круниса со последниот чекор - целосна и навремена интеграција на Балканот во евро-атлантските системи на безбедност и просперитет.

Претседателот Иванов подвлече дека Македонија високо го цени ангажманот на САД за надминување на единствената пречка за интеграцијата на Република Македонија во евро-атлантските структури. Во таа насока, Претседателот ја истакна важноста од постојаната комуникација и претставување на можностите за надминување на спорот кој Грција го поставува како пречка за македонските интеграции.

Амбасадорот Хал, врз основа на неговото богато меѓународно искуство, оцени дека ширењето на НАТО и на Европската Унија се најдобар рецепт за економски развој, стабилност и натамошно напредување на демократијата и почитувањето на различностите во регионот на Југоисточна Европа.

  Back<<Назад