| Проштална средба со Амбасадорот на Република Турција Арслан Хакан Окчал | |
|
|
На срдечната средба, Претседателот Иванов му се заблагодари на Амбасадорот Окчал за посветеноста и енергијата која ја внесе во развивањето на стратегиски добрите односи меѓу двете држави. Претседателот истакна дека Македонија е земја и на граѓаните од турската заедница, и дека постоењето на голема турска заедница во Македонија, како и македонската заедница во Турција, дополнително ги поврзува двете земји. Претседателот Иванов, на средбата, изрази очекување дека со натамошното намалување на значењето на границите на Балканот, и со развојот на интегративните процеси, овој регион ќе се развива како отворен простор во кој слободно ќе се врши економската и културната размена, патувањето и размената на идеи. Претседателот го истакна заедничкото минато на сите балкански држави и потребата да се издвојат традициите кои не зближуваат, традициите на соработка, соживот и отвореност на едни кон други. Амбасадорот Окчал рече дека со радост ќе се сеќава на двете години поминати во Република Македонија и на постојаниот нагорен тренд на развојот на односите меѓу Македонија и Турција, кои се одликуваат со развој на економската соработка, постојани контакти на највисоко ниво и стратегиска соработка во целите од заеднички интерес. Амбасадорот Окчал додаде дека Република Македонија гради демократски модел кој треба да служи како пример за земјите од Балканот и од Европа за почитувањето на различните култури и традиции и нивното вклучување во сеопштиот развој на државата.
|












