Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вчера имаше средба со Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, за време на третиот самит на Конференцијата за интеракција и градење мерки на доверба во Азија кој се одржува во Истанбул. На самитот, Претседателот Иванов се сретна и со Роберт Симонс, заменик Помошник на Генералниот Секретар на НАТО за безбедносна соработка и партнерство. - Со Претседателот Ѓул, кој е наш голем пријател со кого имаме извонредни контакти, разговаравме за сета поддршка што ја добиваме и за сето тоа што го прави Турција за Македонија. Зборувавме за нашите односи кои се на ниво на стратегиско партнерство. Претседателот Ѓул укажа дека Турција и понатаму ќе ја поддржува Македонија, согласно нивната определба по самитот во Букурешт, во форумите каде што Македонија не е присутна, Турција да го пренесува и нашиот став. Едноставно Турција придонесува Македонија конечно да го добие местото што и припаѓа – изјави Претседателот Иванов. Македонија е поканета на Самитот како земја претседавач со Советот на Европа. Претседателот ги претстави македонските стратегиски приоритети – полноправното членство во НАТО и во Еврпоската Унија, како и подготвеноста за отвореност и соработка со државите од целиот свет. Билатералните средби и упатените и добиените покани за посета на државите од Азија Претседателот Иванов ги оцени како можност со темелна подготовка да се постават правните рамки за политичка и економска соработка со голем број на држави. - Присуството на овој форум е можност за многу билатерални средби и за неформални контакти со претседатели кои не можат да се видат секогаш. Јас ја искористив можноста за присуство на овој форум да остварам средба со Претседателот на Турција Абдула Ѓул, со претседателите на Казахстан, Азербејџан, за неформални средби со Претседателот на Монголија, високи функционери од Ирак, Виетнам и други азиски земји. Мој впечаток е дека Македонија иако не е во азискиот дел сепак е добро виден гостин во овие земји. На азискиот континент постои цела експанзија, се создаваат нови моќни економии кои имаат потреба од пазар и имаат потреба од партнерства. Македонија со многу од азиските земји се уште нема развиена соработка, но има потенцијал кој може да го понуди на овие земји – изјави Претседателот Иванов при завршувањето на Самитот во Истанбул. Претседателот, како сфери од особен интерес, ги посочи ангажманот на македонските градежни компании во Азија, во држави каде македонското градежништво веќе ужива голем углед. Понатаму, област од заеднички интерес е извозот на македонската храна, привлекувањето инвестиции во Македонија како земја која е добро поврзана со европскиот пазар и пренесување на македонското искуство со реформите во економијата, администрацијата и другите сфери. - На прашањето за енергетиката, за која стана збор на средбата со Претседателот на Азербејџан, беше укажано дека Азербејџан интензивно инвестира во многуте гасоводи од Средна Азија кон Европа, со кои се обезбедува гас за Европа. Наш интерес е Македонија да биде поврзана на овие стратегиски проекти – изјави Претседателот.
|