|
Заедничка определба за негување на добрососедството - проштална средба со српскиот амбасадор, Н.Е. Томислав Ѓурин
|
|
Понеделник, 03 Декември 2012
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Република Србија во Република Македонија, Н.Е. Томислав Ѓурин.
Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот севкупeн развој на македонско – српските односи. Заемен заклучок беше дека тие се на највисоко можно ниво во изминативе дваесет години, за што зборува континуираниот политички дијалог на сите нивоа, унапредената договорна рамка, зголемениот обем на трговска размена. На средбата беше изразено очекување политичките, економските и културните врски и во наредниот период да се унапредуваат.
Претседателот Иванов изрази задоволство што двете земји имаат заедничката определба за негување на добрососедството, за регионална соработка, и за приклучување во ЕУ. РМ е подготвена за тесна соработка на овој план. Македонскиот претседател му заблагодари на српскиот амбасадор за неговата посветеност и придонес во продлабочувањето на билатералната соработка.
Српскиот амбасадор го истакна цврстото определување на Република Србија за понатамошен развој на добрососедските односи, сестрана и меѓусебно корисна соработка со Република Македонија. Амбасадорот Ѓурин изрази уверување дека во време на големи искушенија за целиот регион на Југоисточна Европа, односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат во интерес на двата народа.
|