Сигурен сум дека ќе дадете сè од себе – Претседателот приреди прием за женската ракометна репрезентација
Четврток, 29 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими Македонската женска ракометна репрезентација која ќе настапи на Европското првенство во ракомет што од 4 до 16 декември 2012 ќе се одржи во Србија.

Пренесувајќи им ја својата апсолутна поддршка, претседателот Иванов на ракометарките им посака многу успех и изрази надеж дека ќе постигнат победи, нагласувајќи дека кога се сака, сè се може.

„Ви посакуваме најголем успех и многу победи. Знаеме дека ќе биде тешко, но во Ниш пред десет месеци покажавме дека сè е возможно. Кога ќе ја земете топката во раце сигурен сум дека ќе дадете сè од себе. Очекувам дека неизмерната поддршка од македонската публика и претходните успеси ќе го зацврсти вашиот мотив,“ истакна Претседателот.

Ракометарките на претседателот му подарија знаме со сите нивни потписи, како симбол на тимскиот дух во македонскиот женски ракомет.

Капитенот на репрезентацијата Тања Андрејева, заблагодарувајќи му се на Претседателот за приемот, посочи дека неговата подршка многу им значи и ќе биде дополнителен мотив. Таа вети дека на ова првенство ќе покажат добра игра.

Ракометарката Драгана Пецевска нагласи дека нивна цел е да ја поминат групата и да реализираат две победи за понатаму да имаат подобар пласман.

„Подготвени сме и ќе дадеме сè од себе да постигнеме успех,“ додаде Пецевска.

Женската ракометна репрезентација ќе ја претстави Македонија во спортската сала во Ниш каде што ќе ја има можноста да го докаже својот потенцијал во групата Б против репрезентациите на Шведска, Франција и Данска.

Во првиот натпревар, што ќе се одигра на на 4 декември, противник на избраничките на селекторот Гино Стрезовски ќе биде селекцијата на Франција. На 6 декември, Македонија ќе игра со Шведска, а два дена подоцна на последниот дуел македонската селекција ќе се сретне со Данска.

  Back<<Назад