Потенцирана подготвеноста за дијалог со Грција - Проштална средба со грчкиот амбасадор Александра Пападополу
Петок, 23 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, амбасадорот Александра Пападопулу.

На средбата, претседателот Иванов ја потенцираше подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на севкупната соработка и за дијалог со Република Грција.

„Република Македонија е отворена кон сите свои соседи и отвореноста ја манифестира со подготвеност низ дијалог да се бараат решенија за сите разлики. Поголемата интеракција и соработка ќе создадат амбиент за надминување на разликите,” истакна претседателот Иванов на средбата. Воедно, македонскиот претседател изрази надеж дека Република Грција ќе ја поддржи европската интеграција на Република Македонија. „Со деблокада на интеграцијата во Европската унија, сите добиваат – Република Македонија, Република Грција и целиот регион,” додаде претседателот Иванов.

Заеднички заклучок на средбата беше дека разликата околу името на ниеден начин не треба да претставува пречка во соработката во сите сфери од заемен интерес.

На прошталната средба претседателот Иванов на амбасадорот Пападопулу  и посака натамошни успеси.


  Back<<Назад