Претседателот Иванов засади дрва заедно со најдобрите студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид
Среда, 21 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во својот Кабинет ги прими најдобрите студенти на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ - Охрид.

На средбата се разговараше за низа прашања релевантни за студентскиот живот, при што студентите од охридскиот универзитет пред претседателот Иванов ги изнесоа своите впечатоци од досегашното работење на оваа високообразовна институција, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, и дадоа идеи за подобрување на квалитетот на образованието во информатичката сфера.

Студентите го изразија своето задоволство од наставната програма на овој Универзитет, оценувајќи дека сепак е потребно интензивирање на  практична настава.

„Прекрасен начин да ги споделиме нашите идеи, нашите искуства и заедно да најдеме подобри решенија за тоа како би го подобриле образованието и нашите перспективи по завршување на студиите. Она што го заклучивме заедно со Претседателот, како најголем недостаток во образованието, е недостатокот од практичната настава, и заедно се потрудивме да изнајдеме решенија,“ изјави Кристина Шалковска, заблагодарувајќи се за можноста непосредно со претседателот Иванов да дебатираат на овие теми.

На средбата, студентите се согласија дека е потребно да се интензивира комуникацијата и соработката помеѓу нив самите, со цел подобро да се запознаат со материјалот и да го развиваат тимскиот дух.  Во оваа насока,  двајца студенти од Гана и Камерун, оценија дека би било добро да се промовира културна размена и запознавање помеѓу Гана, Камерун и Македонија, бидејќи овие три држави и народи имаат што да научат едни од други.
 
„Среќен сум, што сум во Македонија и што имам прилика да ја запознаам вашата култура. После две години студирање овде, задоволен сум од можноста да разменам мислење лично со Претседателот. Почестен сум што имавме прилика да разговараме за повеќе теми, за нашето искуство на Универзитетот, како да го зголемиме стандардот на образованието и знаењето,“ изјави студентот од Камерун, Квипо Хибинде Џуд.

Претседателот Иванов им честиташе на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, и го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со успешни млади луѓе кои се дел од академската елита на нашата држава. Претседателот нагласи дека го радува фактот што студентите отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Претседателот им порача на студентите дека  иднината е во техничките струки, што особено важи за инженерите, кои секојпат се ориентирани кон барање решенија за проблемите.

„Вие сте аудиовизуелни генерации кои информациите ги примаат преку сетилата за вид и слух. Факт е дека денешните млади сè повеќе го користат интернетот, и веќе нема научна област во која не се користи компјутер",  истакна Иванов на средбата, потсетувајќи дека сепак не смееме да заборавиме дека најголемиот, клучен дел од напредокот е во рацете луѓето.

По повод Денот на дрвото, претседателот Иванов заедно со најдобрите студенти од охридскиот универзитет, засадија и дрвца во дворот на претседателскиот Кабинет. Ним им се придружија и дел од спортистите и организаторите на акцијата која е под мотото „Спортски е да се сади”.

„Денеска прекрасен пример покажа и Претседателот на Република Македонија како треба да се биде татко на нацијата и заедно со домашните и странските студенти да се засади иднината,“ истакна Христина Николовска, шеф на кампањата на „Засади ја својата иднина“.

Ова е петта од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во текот на годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Основната цел е да се слушнат размислувањата и идеите, но и предизвиците со кои се соочуваат најдобрите претставници на младата академска сила, да се поддржи нивната креативност и иновативност, и да се поттикнат нивните идни академски и професионални успеси, но и  да се истакне дека образованието станува врвен приоритет.


  Back<<Назад