|
Со преведувачката насока се зближуваат две култури - Претседателот ја посети Катедрата за албански јазик и книжевност
|
|
|
Во пресрет на 22 ноември, кога ќе се одбележат 104 години од усвојувањето на албанската азбука, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја посети Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, најстарата високообразовна институција во Македонија која изведува настава на албански јазик.
Шефот на државата им го честиташе празникот на студентите и професорите кои го запознаа со нивната работа и со проблемите што ги имаат. Му се заблагодарија зашто е првиот функционер кој ја посетил Катедрата во нејзиното неколкудецениско постоење.
„Јазикот е средство за комуникација, а таа е многу важна. Треба да научите да комуницирате за да не се гетоизирате. На оваа Катедра се учи и негува албанскиот јазик и традиција, а со преведувачката насока се зближуваат две култури кои опстојувале заедно со векови,“ посочи претседателот Иванов на средбата со деканот, наставниот кадар и студентите.
Студентите читаа поезија од Фатос Арапи и од Блаже Конески во препев на македонски, односно на албански јазик. Од претседателот се информираа за можностите што им ги нудат неколку иницијативи под негово покровителство, како Школата за млади лидери, признанието „Млад научник“ и стипендиите „Борис Трајковски“ за магистерски студии по јавна администрација на Сити колеџот во Солун.
Професорите му се пожалија на Претседателот дека нема обнова на кадарот и дека во преведувачката насока имаат само еден лектор, па ангажираат надворешни соработници. Претседателот Иванов им укажа дека желба за вработување кадар има, но дека причините се во општата економска состојба.
Проф. Ваљбона Тоска, раководител на Катедрата за албански јазик, истакна дека Катедрата е редок пример на интегрирано образование, зашто на насоката за преведување и толкување има и студенти на кои албанскиот не им е мајчин јазик, а многумина од нив по дипломирањето го говорат течно.
Катедрата за албански јазик и книжевнст е отворена во 1971/1972 година.
На Денот на албанската азбука, што беше повод за посетата на претседателот Иванов, се празнува годишнината од Битолскиот конгрес кој албанските интелектуалци од цел свет го одржале од 15-ти до 22 ноември 1908. Педесет делегати-учесници на Конгресот од повеќе градови унифицирале современо и единствено писмо за сите Албанци. Усвоиле одлука да се прифати латиничното писмо и буквите да се адаптираат на особеностите на албанскиот јазик.
|