|
Меѓусоседските односи во регионот секогаш можат да бидат уште подобри. Меѓусоседските односи се двонасочна улица, мора да очекуваме тоа што го правиме и другите да го прават и сите заедно да влеземе во ЕУ како крстосница на добри двонасочни улици кои постојат во овој регион, истакна претседателот Ѓорге Иванов на 4. Регионален претседателски самит во Будва на тема „Соработка кон напредок – предизвици и одговори“. Очекуваме придвижување на целиот регион со цел сите ние да станеме дел од ЕУ, а основа за тоа се добрососедските односи и мора на тоа да работиме. Никогаш не треба да бидеме задоволни од постојната состојба, на пример во економијата и трговската размена постои голем потенцијал кој се уште не е искористен, рече претседателот Иванов на денешната прес-конференција. Самитите, оцени македонскиот претседател, праќаат позитивна порака од регионот дека лидерите на дел од Балканот знаат да се организираат самоиницијативно, да дебатираат за прашања за кои треба заеднички, регионален пристап. Овие самити досега помогнаа да ги идентификуваме областите каде треба да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка. Исто така, зајакната доверба меѓу нас и во поттикнување на добрите меѓусоседски односи со една отворена и искрена диксусија за прашања што некогаш во минатото не оптоварувале и како трето ја праќаме пораката дека ние имаме заедничка иднина, потенцира Иванов. Сите, нагласи тој, имаме цел да бидеме во оној заеднички дом кој го нарекуваме Европа. Сите имаме цел преку нашите реформи и идеи кои ги претставуваме на вакви самити да реализираме еднаков амбиент во целиот наш регион. Да се почитуваат европски критериуми, европски принципи и европски вредности, нагласи Иванов.
Претседателот Иванов на 4. Регионален претседателски самит во Будва оствари билатерални средби со своите колеги од Црна Гора, Албанија и од Косово. На средбата со претседателот на Црна Гора, двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Црна Гора. Беше разменето мислење за актуелните политички состојби во двете земји и за очекувањата од претстојниот Совет на ЕУ. Претседателот Иванов упати честитки за постигнатиот напредок на Црна Гора на патот кон ЕУ и почетокот на пристапните преговори за членство и беше искажан интерес за зајакнување на соработката на експертско ниво во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија. Двајцата претседатели разменија мислење за регионалните иницијативи - ПСИЈ и Дијалогот меѓу цивилизациите, со кои идната година претседава Република Македонија и изразија интерес за унапредување на економската соработка.
На средбата со албанскиот претседател, Бујар Нишани, двајцата соговорници се согласија дека билатералните односи во континуитет се на високо ниво, за што најдобар показател е интензитетот на официјални посети и соработката во сите области од заеднички интерес. Тие се заложија за продолжување на добрата соработка со особен акцент на економијата, и ја потврдија меѓусебната поддршка за интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, и на Република Албанија во ЕУ. На средбата стана збор и за последните инциденти. Двајцата претседатели заклучија дека не смее да се дозволи никој да ги наруши добрите односи меѓу двете земји кои заемно се градени изминативе години. Инцидентите ги оценија како неприфатливи и неодговорни и се заложија за институционано санкционирање на сторителите. Македонскиот претседател ја прифати и поканата за официјална посета на Албанија во текот на 2013.
На средбата со Претседателот на Косово, г-ѓа Јахјага, беше изразено задоволство од воспоставениот континуиран, конструктивен и пријателски дијалог меѓу двете земји, и беше разменето мислење за прашањата од заемен интерес. Со цел продлабочување на соработката, двајцата претседатели се согласија дека е потребно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави. Претседателот Иванов изрази поддршка за евроатланските аспирации на Република Косово, со јасно дефинираните ставови кои кореспондираат со позициите на САД, ЕУ, НАТО и ОН и изрази подготвеност за пренесување на позитивните реформски искуства на Република Македонија во клучните области. На средбата беше разменето мислење за регионалните случувања, а македонскиот претседател искажа и интерес за текот на дијалогот Белград – Приштина. Претседателот Иванов изрази очекување за скоро признавање на Гораните – Македонци на Косово, како уставна категорија на македонско национално малцинство.
|