|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во присуство на градоначалниците од Пелагонискиот регион, денеска во Битола отвори Народна канцеларија, со што по Скопје и Тетово, продолжи реализацијата на проектот Народни канцеларии за непосреден контакт со граѓаните.
На свеченоста во Битола, претседателот Иванов посочи дека со отворање на канцеларијата, граѓаните ќе може директно да контактираат со институцијата Претседател, со членовите на неговиот Кабинет, да ги претстават своите иницијативи од јавен карактер, да понудат идеи, да достават сугестии и свои согледувања и визии за идниот развој на Република Македонија.
„Преку овие канцеларии се обидуваме да ги поттикнеме граѓаните да дадат свои предлози, претставки, но и поплаки за некои институции ако не им возвратиле со соодветен одговор. Овие канцеларии ја доближуваат институцијата до граѓаните и им овозможува да влијаат на развивањето на политиките за подобра и поуспешна Македонија,“ истакна претседателот Иванов.
Народните канцеларии претставуваат прилика претседателот Иванов да се запознае и со проблемите со кои се соочуваат граѓаните во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права и интереси, а со тоа и за односот на органите на власта кон граѓаните при постапувањето по нивни барања.
Досегашното функционирање на народните канцеларии во Скопје и Тетово покажува дека граѓаните сакаат активно преку своите идеи да придонесат во општествените процеси и текови во Република Македонија.
„Искуствата ни покажуваат дека во првичните средби граѓаните најчесто се жалат, поднесуваат претставки и поплаки затоа што порано немале таква комуникација, но подоцна доаѓаат со предлози и иницијативи. Младите се интересираат за Школата за млади лидери, како и за натпреварот „Најдобар млад научник“, и за други активности кои им се од интерес. Преку Народните канцеларии имаме интеракција која ни овозможува да имаме увид како граѓаните размислуваат за прашања од државен интерес или регионален аспект,“ истакна претседателот Иванов.
На покана Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а по повод 22 април - Денот на планетата земја, претседателот на Република Македонија денеска ја посети битолската Зоолошка градина, каде под негово покровителство се одржа манифестацијата „Секој ден е среќен ден“, посветена на зачувување и заштита на присутниот биодиверзитет и отпочнување на проект за целосна ревитализација на Зоолошката Градина во Битола.
|