Спортот помага во меѓусебното запознавање и толеранција - Караванот „Спортот како фактор на заедништво“ во Врапчиште
Понеделник, 23 Април 2012   

Третата спортско-културна манифестацијата во рамки на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, под покровителство на претседателот Иванов, денес се одржа во Општина Врапчиште.

Претседателот Иванов оцени дека досегашното спроведување на проектот покажа исклучително позитивни резултати во зближувањето на децата од различни етнички и културни средини, градење на соживотот и развивањето на спортскиот дух.

„Атмосферата е прекрасна, децата другаруваат и меѓусебно се запознаваат. Преку другарување децата ги запознаваат своите врсници и Македонија со сите нејзини особености. Реакциите од оваа активност и на родителите и на учениците се позитивни и има интерес проектот да се прошири и во други населени места,“ истакна Претседателот.

Околу 300 ученици на возраст од 9 до 12 години од шесте општини - Прилеп, Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште, кои се опфатени со проектот, и денеска имаа можност да тренираат, да учат спортски вештини и да се дружат меѓусебе.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“ во партнерство со шесте општини, а целта е да им овозможи на учениците од основното образование преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои поттекнуваат од различни културни и етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов во дворот на основното училиште во Врапчиште им го честиташе празникот на турската етничка заедница „Денот на детето“, кој во Република Турција и секаде во светот масовно се прослаува.


  Back<<Назад