| Македонија останува ниско задолжена држава која бележи економски раст - Прием по повод 20 години монетарна самостојност | |
|
|
Потенцирајќи дека изминатите две децении Македонија се соочи со бројни предизвици, како политики, така и економски, Претседателот нагласи дека НБРМ досега покажа капацитет во постигнување финансиска стабилност и одржување сигурен и стабилен банкарски систем, кое пак се должи на фактот дека Народната банка денес претставува стабилна институција со висок степен на формална и фактичка независност и со позитивен тренд на градење на своите капацитети. „Македонското општество е обединето во својата посветеност кон спроведувањето на неопходните економски реформи кои досега дадоа задоволителни резултати. Македонија има јасна цел и чекори кон неа. Како држава успеавме да создадеме поволна атмосфера за развој на стопанството, за стимулирање на домашните и странски компании да инвестираат во економијата. Го развивме претприемачкиот дух. Постигнавме некои импресивни резултати и денес можеме да се гордееме со тоа што во нашата земја, за првпат, функционираат сериозни компании од областа на информатичката технологија, компании кои вршат трансфер на знаење од водечките центри во светот. Денес, ние напредуваме кон подобар баланс на земјоделството, рударството и користењето природни ресурси, услужните дејности и новоотворените погони, во современо индустриско производство,“ посочи претседателот Иванов, и порача дека мора да се продолжи со реформи кои ќе го обезбедат долгорочното стабилно функционирање на договореното ниво на социјални мерки, без да се наруши економскиот раст и развој. Претседателот Иванов истакна дека досега Македонија се развивала одговорно и сериозно и не преземала обврски кои не може да ги исполни, од што може да се констатира дека Македонија останува ниско задолжена држава која бележи економски раст.
Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, обраќајќи се на приемот подвлече дека монетарната осамостојување е најзначајниот чекор во заокуружувањето на државноста на Македонија. „Навистина постигнавме доста. Стартувавме со стапка на инфлација од околу 2000%, за во последните 15 години да имаме инфлација околу 2%, што е ниво на просекот на ЕУ. Навистина сметам дека е достојно за гордеење,“ истакна Гувернерот. Искажувајќи почит кон оние генерации што работеа на воспоставувањето на денарот, гувернерот Богов посочи дека тоа се правеше во тешки времиња со многу предизвици, но дека тоа беше успешен процес од кој денес ги гледаме резултатите. „Имаме стабилност, она што е непходно за постигнување економски раст, меѓутоа за економски раст треба да работиме, да ја зголемуваме продуктивноста, да бидеме ефикасни повеќе од другите. Само така може да одиме напред и да ја развиваме нашата економија,“ нагласи гувернерот на Народната банка. Учесниците во монетарното осамостојување и воведувањето на денарот, меѓу кои поранешниот гувернер Љубе Трпески и првиот министер за финансии Методија Тошевски, потсетија на тогашните услови во кои владееше хиперинфлација, но кои овозможија за кратко време да се постигне стабилност на новата македонска валута. По повод одбележувањето 20 години монетарна независност, денеска беше промовирана пригодна поштенска марка од страна на Македонска пошта. Јубилејот ќе биде одбележан и со свечена академија, а ќе биде организирана и конференција на која ќе учествуваат гувернери од регионот.
|
Монетарната сувереност е темелот на секоја економија и како што Армијата ја брани територијаната сувереност, така Народната банка на Република Македонија континуирано ја чува нашата монетарна сувереност, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на денешниот прием по повод 20-годишнината од монетарната самостојност на Република Македонија.











