Латвија ќе го поддржи членството на Македонија во НАТО на Самитот во Чикаго – Официјална посета на Латвија
Петок, 27 Април 2012   

latЛатвија ќе го поддржи македонското членство во НАТО на престојаниот Самит во Чикаго, и целосно го става на располагање своето искуство за евроинтеграциониот пат на Република Македонија. Ова на денешната заедничка прес-конференција во Рига, го истакна претседателот на Република Летонија Андрис Берзинс, по средбата со  шефот на македонската држава д-р Ѓорге Иванов, кој е во прва официјална посета на оваа балтичка земја.

„Латвија е подготвена да го поддржи приклучувањето на Македонија во НАТО поради тоа што нејзиниот придонес, особено како дел од меѓународните мировни сили, е огромен и јас лично го истакнав ова за време на мојата посета на Авганистан во една од болниците, каде се сретнав со медицински персонал од Македонија. Тие играат значајна улога во Авганистан и во процесите коишто се одвиваат таму од 2002 година,“ истакна шефот на латвиската држава, одговарајќи на новинарското прашање - дали Латвија е подготвена да го постави прашањето за Македонија на Самитот во Чикаго, имајќи ја предвид пресудата од Меѓународниот суд на правдата, која е во корист на Македонија.

На средбата двајцата претседатели разговараа за продлабочување и унапредување на билатералните односи, за европските и евроатланските интеграции на Македонија, како и за наметнатиот спор од Република Грција за уставното име на Македонија.

„Разговаравме за тоа како за една пречка за нашето интегрирање и во НАТО и во ЕУ. Очекуваме поддршка и помош од секој наш пријател на претстојниот Самит во поглед на тоа, ако се отвори прашањето за проширувањето или зачленувањето на Македонија.  Се надевам дека оваа посета ќе биде прилог кон добрите билатерални односи и дека нашите влади ќе почнат интензивно да соработуваат, ќе ја затвориме правната рамка и ќе се потпишат потребните спогодби за да можат нашите граѓани, бизнисмени, нашите студенти, професори, да најдат интерес за взаемна соработка, сè со цел нашите земји да напредуваат и да го користат потенцијалот кој го поседуваат,“ истакна претседателот Иванов заблагодарувајќи се за досегашната поддршката од страна на Латвија.

На прашање од латвиски новинар дали има напредок во решавање на спорот со името, претседателот Иванов истакна дека наспроти иницијативите од македонската страна,  од Грција нема оптимистички најави дека е можно брзо решение на спорот.

„Има многу иницијативи од наша страна, бидејќи ние сме засегнати. За жал, од другата страна немаме некои оптимистички најави дека може да се дојде до решение. Преставникот од ОН, медијаторот Нимиц, ги посети нашите две земји и иницираше средби на највисоко ниво. Но, поради актуелната ситуација во Грција и претстојните избори не очекуваме дека ќе  добиеме некој позитивен и потврден  одговор,“ посочи претседателот Иванов.

Латвискиот претседател Берзинс оцени дека Македонија, од независноста до денес, има стекнато доволно искуство и капацитет да ги отпочне преговорите за членство во Унијата.

„Што се однесува до нас, ние би биле навистина среќни доколку можеме да ви помогнеме. Нашето искуство може да биде многу корисно за вас, за да ги избегнете грешките кои ние ги направивме,“ нагласи претседателот Берзинс, истакнувајќи ја сличноста меѓу двете земји.

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели беше и економата соработка, пред сè, можноста за нејзино продлабочување. Претседателите се согласија дека од заеднички интерес за двете држави е изнаоѓање нови можности за економска соработка, преку размена  на искуство, приближување на компаниите и заеднички инвестиции.

„За жал, досегашната економска соработка меѓу двете земји е на симболично ниво. Затоа е потребно да се остави простор на бизнисмените да дадат придонес во зголемување на трговската соработка, а производите од двете земји да  се најдат на нашите пазари,“ посочи претседателот Иванов додавајќи дека, меѓу другото, со неговиот латвиски колега разговарале и за соработка во  сферата на културата и образованието.

На првата официјална посета на Република Латвија, претседателот Иванов беше пречекан со највисоки државни и воени почести, а неговиот дочек во Палатата Рига латвиската национална телевизија го пренесуваше во живо.

Денеска шефот на македонска држава оствари работен ручек со латвискиот премиер Валдис Домбровскис, кој изрази целосна подготвеност за интензивирање на соработка со македонската Влада на сите нивоа, вклучувајќи ја соработката во економијата,  образованието, културата, здравството и на полето на правдата. Премиерот Домбровскис изрази  подготвеност и за размена на латвиските искуства  во однос на пристапните преговори за членство во ЕУ и користењето на европските фондови.

Претседателот Иванов побара принципиелната поддршка од  Латвија за членството на Македонија во НАТО и ЕУ и натаму да продолжи и да се интензивира со цел деблокада на македонските евроатлантски интеграции во претстојниот значаен период. На средбата стана збор и за  билатералниот спор со Грција во однос на уставното име на Република Македонија,  како и за нашите очекувања од НАТО Самитот и од Европскиот совет во јуни.

Претседателот Иванов и премиерот Домбровскис, исто така изразија заемно задоволство што по подолг период, повторно се обновува политичката и економската соработка меѓу двете земји.

Во делегацијата, предводена од претседателот Иванов, е и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој денеска заедно со неговиот латвиски колега потпишаа Договор за меѓународен патен сообраќај со кој се воведува либерализација на билатералниот и транзитниот превоз на стоки меѓу двете земји и тој ќе се одвива без транспортни дозволи.

Претседателот Иванов утре во Рига ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Латвија, по заминува во работна посета на Литванија, како дел од неговата балтичка турнеја.


  Back<<Назад