Поддржувач и пријателска земја од која можеме многу да научиме – Претседателот ја заокружи посетата на Латвија
Сабота, 28 Април 2012   

Латвија е пријателска земја која се труди да помогне во македонските европски и евроатлантски интегрaции, бидејќи има чувство и разбирање за потребите на нашиот регион. Ова е генералниот заклучок на претседателот Иванов по дводневната официјална посета на Латвија.

„Латвија и Литванија се земји од кои можеме многу да научиме, од аспект на нивното искуство во евро и евроатлантските интеграции, но и од тоа како се снаоѓаат во овој период на услови на глобална економска криза. Онаа очекувана поддршка од нив веќе ни е укажана и имаме можност да престојуваме во пријателски земји кои сакаат да помогнат, бидејки тие ги чуствуваат потребите во нивниот регион, но и можноста да помогнат на нашиот регион. Значи станува збор за регионална соработка, размена на искуство на регионален план, но и поддршка и помош во сите наши заложби да бидеме дел од европскиото семејство”, истакна претседателот Иванов на крајот од посетата на Латвија, додавајќи дека Македонија по подолг период отсуство, го обновува политичкиот дијалог на највиско ниво кој го отпочна претседателот Борис Трајковски пред 12 години.

Поддршката за македонското членство во НАТО вчера експлицитно ја потврди првиот човек на латвиската држава, претседателот Берзинс, потенцирајки дека меѓудругото, Латвија го става на располагање и сето искуство во доменот на евроинтегрцаиите.

После подолг период стагнација во билатералните односи меѓу Латвија и Македонија, посетата на македонскиот претседател отвора можност за почеток на интензивна владина соработка и збогатување на трговската размена меѓу двете земји.

Претседателот Иванов денеска оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Латвија, Солвита Аболтина, на која беа потврдени заложбите на двете страни за натамошно проширување на меѓупарламентарната соработка.

Покрај интензивирање на економската соработка, која засега е на симболично ниво, Латвија и Македонија заеднички се заложија за проширување на соработката во сферите на образованието, културата, здравството. По вчерашното потпишување на договорот за меѓународен патен сообраќај, денеска македонската страна иницираше потпишување на меѓудржавен договор и во сферата на културата. За ова подетално делегациите разговараа на работниот ручек кој го приреди латвискиот министер за култура, Жанета Јаунземе-Гренде.

Од Латвија, Иванов заминува во работна посета на Литванија, со што ја заокружува неговата балтичка турнеја, чија главна цел е засилено лобирање во пресрет на претстојниот НАТО самит во Чикаго.

 

  Back<<Назад