| Преговорите за името и евро-интеграциите на Македонија да се одвиваат паралелно – заедничко барање на балтичките земји | |
|
|
Овој став во форма на заедничка изјава на Претседавачите со Комитетите за европски прашања на Литванија, Латвија и Естонија, е доставен до нивниот дански колега, Ева Кјер Хансен, а потоа и на состанокот на комитетите за европски прашања на националните парламенти на земјите членки на ЕУ (COSAC), кој се одржа во Копенхаген. Трите балтички земји во заедничкото писмо го повикуваат данското претседателство на следниот Совет на Европската Унија, во јуни, да го постави на агендата прашањето за почеток на претпристапните преговори со Македонија, како и да се побара позитивна одлука од Советот. „Заедно со другите земји, пред сè со двете останати балтички држави, ја изразивме нашата поддршка за почеток на претпристапните преговори со Македонија. Неодамна потпишавме посебна изјава, сите балтички држави, и ја доставивме на конференцијата на COSAC во Копенхаген. Силно го поддржуваме членството на Македонија во ЕУ, и од секој аспект сметаме дека прашањето за името треба да се решава паралелно, без да го попречува процесот на интеграции,“ изјави по средбата со Иванов, потпретседателот на литванското собрание, Чесловас Станкевичиус. Во заедничката изјава, балтичките земји потенцираат дека билатералниот спор треба да се реши во рамки на постојните релевантни договори. Веруваме дека постојните разлики меѓу страните околу името на земјата кандидат, не треба да ги попречуваат, ниту да влијаат на почетокот на претпристапните преговори со ЕУ, и да се решат со одвоени преговори, со добра волја согласно резолуцијата 817 (1993) на ООН, како и Времената Спогодба од 13 септември 1995. Секое заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ООН, треба да биде поддржано и прифатено, стои во писмото. Во заедничкиот заклучок се истакнува дека институциите на ЕУ во неколку наврати го поздравиле напредокот на Македонија во клучните реформски области и дека земјата ги исполнува превземените обврски од Договорот за асоцијација и стабилизација. Воедно потписниците ја подвлекуваат препораката од Европската Комисија за почеток на преговори со Македонија, како и заклучокот на Советот од 5 ти декември 2011, во кој стои дека Советот е подготвен да се наврати на ова прашање во текот на следното претседателство. На средбата, македонскиот претседател Иванов и потпретседателот на литванското собрание Станкевичиус, изразија задоволство од отпочната соработка на параламентарно ниво и интерес за јакнење на политичкиот дијалог и соработка во сите сфери од заемен интерес. Литванија, меѓу другото изрази подготвеност за пренесување на нивното искуство и експертиза. Иванов денеска во Вилнус се сретна и со министерот за надворешни работи на Литванија Аудрониус Ажубалис и со претседателот на литванското собрание, Ирена Дегутиен. Прашањето за името, напорите за деблокада на интеграциите, пресудата на МСП, биле дел од темите на разговор, а претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната поддршка. Со утрешната средба со претседателот на Република Литванија, Далија Грубаускаите, претседателот Иванов ја заокружува балтичката турнеја. Во рамки на посетата, замениците министри за култура на Македонија и Литванија ќе потпишат и билатерален договор за соработка меѓу двете влади во полето на културата. Засилените дипломатски активности на македонскиот државен врв имаат за цел лобирање поддршка за Македонија во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго и претстојниот европски совет во Брисел.
|
Преговорите околу билатералниот спор за името и евроинтеграциите на Република Македонија треба да се одвиваат како два паралелни процеси, оценува парламентот на Република Литванија. По денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во работна посета на Литванија, потпретседателот на литванското собрание и Претседавач со комитетот за европски прашања, Чесловас Станкевичиус, изјави дека спорот со името не смее да го попречува евроинтеграцискиот процес на Македонија, туку преговорите под покровителство на ООН и претпристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, да се одвиваат паралелно. 










