Претседателот Иванов го отвори 49. Државен натпревар на млади техничари и природници од Република Македонија
Сабота, 21 Април 2012   

altПод покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Кавадарци беше отворен 49. Државен натпревар на млади техничари и природници од Република Македонија, во организација на Народна техника на Македонија.

На учениците од основните училишта од земјава, Претседателот Иванов посакувајќи им успех во натпреварот, им порача на основците дека тие се иднината на Република Македонија, и токму знаењето е тоа што ќе ги води во светот на науката и техничката мисла. - Ова е место каде треба да го покажете вашето знаење, креативност и вашата инвентивност. Верувам дека вие сте најдобрите. Се надевам дека ќе бидете стимулација и мотивација и за другите ученици. Ова е сатисфакција за вашите родители и за вашите наставници, рече претседателот на отворањето на овој државен натпревар.

На натпреварот зедоа учество 280 ученици од основното образование во Република Македонија во 23 дисциплини од природните и техничките науки. Ова претставува заокружување на натпреварувањата во знаење на училишно, општинско, регионално и државно ниво што се одржаа во текот на овој месец со учество на околу 1200 основци на 14 регионални натпревари.

- Активностите на Народна техника со која ги насочува младите кон креативна работа, инвентивност и развој на натпреварувачкиот дух се од огромно значење за иднината на Република Македонија. Токму и овој традиционален врвен натпревар е настан кој заслужува внимание од сите релевантни институции, истакна претседателот Иванов.

Претседателот оствари и средба со раководството на Народна Техника, на која беше информиран за нивните досегашни активности, како и за идните планови на сојузот во насока остварување на определбата на Република Македонија за насочување и стимулирање на младите луѓе за студирање на техничките факултети, со што ќе се создава квалитетен и квалификуван кадар за развој и унапредување на македонското стопанство. Организаторите на настанот му се заблагодарија на претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка, особено кога се во прашање проекти во доменот на образованието и науката.

Оваа година домаќин на државниот натпревар беше ОУ „Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци.

  Back<<Назад