Новости
belili
Проштална средба со амбасадорот на Италијанската Република, Н.Е г. Ернесто Масимино Белели
Петок, 15 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, во проштална средба го прими амбасадорот на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е г. Ернесто Масимино Белели.

Македонскиот претседател се заблагодари за севкупниот ангажман и придонес на амбасадорот Белели во насока на унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и му посака успех во натамошната кариера.

Двајцата соговорници изразија задоволство од ‎одличните билатерални односи меѓу двете земји, и очекување дека и во наредниот период Република Македонија и Италијанската Република ќе ја развиваат соработката во сите области од заемен интерес. „Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Брдо Бриони Процесот, додека пак Италијанската Република ќе биде домаќин на самитот на Премиери на земјите членки на Брдо Бриони Процесот, како продолжение на Берлинскиот процес, што значи ќе биде неопходно да продолжи дијалогот и координацијата на сите нивоа со цел синергија меѓу двата настана", истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов изрази задоволство од реализираната официјална посета на Италијанската Република и очекување дека нагорниот тренд во политичкиот дијалог ќе се рефлектира и на економските односи меѓу двете држави, во насока на нивно продлабочување и унапредување.

Амбасадорот Белели се заблагодари за севкупната соработка со македонските институции и истакна дека Италијанската Република и во иднина ќе ги поддржува интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, и ќе работи во насока на натамошна промоција и продлабочување на економските и културните врски меѓу двете земји.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните случувања во регионот и Европа, безбедносните предизвици, мигрантската криза и предизвиците на Европската Унија.

bezak
Средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е Мартин Безак
Петок, 15 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вила „Билјана" во Охрид, го прими амбасадорот на Словачката Република во Република Македонија, Н.Е. д-р Мартин Безак.

На средбата претседателот на Република Македонија беше информиран за приоритетите и предизвиците на Словачката Република како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, и за можностите и перспективите на Република Македонија во однос на евроинтегративниот процес во наредниот период.

Амбасадорот Безак истакна дека Словачката Република ќе настојува максимално да ги реализира приоритетите на нивното претседателство и дека во однос на земјите од Западен Балкан, ќе се залага за продолжување на политиката на проширување и обезбедување на одржлива миграциона и азилна политика.

Претседателот Иванов, нагласувајќи дека претседавањето се случува во период кој никогаш не бил покомплексен и со повеќе предизвици како за ЕУ, така и за Европа во целина, посака успех и истакна дека Република Македонија како и досега ќе биде конструктивен партнер на Европската Унија и на словачкото претседавање во соочувањето со предизвиците.

Македонскиот претседател изрази очекување дека Словачката Република како докажан пријател и партнер на Република Македонија, ќе вложи напори и засилена поддршка со цел да се постигне исчекор во македонските евроинтеграции, посочувајќи дека за Република Македонија од круцијално значење е да ги отпочне пристапните преговорите за членство во Европската Унија. Тоа ќе придонесе, истакна претседателот Иванов, за одржување на кредибилноста на политиката на проширување, но истовремено ќе претставува позитивен поттик за консолидирање и стабилизирање на внатрешната политичка состојба во Република Македонија и целосно фокусирање на сите општествени и политички чинители на реформските прашања.‎

„Интегративниот процес во ЕУ и НАТО што ужива национален консензус и поддршка е сила која освен што го обединува општеството, истовремено го придвижува кон реформските процеси и достигнувањето на стандардите. Статус - кво состојбата има обратен ефект", истакна на средбата претседателот Иванов.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации во однос на клучните предизвици со кои се соочува ЕУ, како што се безбедносните закани, бегалската криза и падот на довербата во Европската Унија.

ucesnici_ohridsko_leto_01_
Претседателот Иванов ги прими уметниците што ќе го отворат „Охридско лето“
Понеделник, 11 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими оперската ѕвезда од Латвија Елина Гаранча, светски познат мецосопран и австрискиот диригент, маестро Ион Марин, со чијшто настап утревечер, свечено ќе биде отворено годинешното 56. издание на фестивалот „Охридско лето".

На средбата на којашто присуствуваа и организаторите на фестивалот, претседателот Иванов им‎ посака добредојде на уметниците во Македонија и изрази очекување дека нивната сценска изведба ќе остави особен белег на годинешниот фестивал „Охридско лето".

Oрганизаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за програмата и настаните на‎ годинешното издание на „Охридско лето", подвлекувајќи дека Македонија и Охрид годинава ќе бидат домаќини на околу 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.

Македонскиот претседател истакна дека‎ фестивалот се вбројува во низата најуспешни настани во Република Македонија, кој овозможува презентирање на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика, истовремено промовирајќи ја македонската уметност, култура и традиција во светот.

Манифестацијата „Охридско лето" традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија. На утрешното отворање на 56. издание на фестивалот, оперската певица Елина Гаранча и маестро Ион Марин, ќе настапат во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет.
ucesnici_ohridsko_leto_03

slepce1
Претседателот Иванов на отворањето на Демирхисарско културно лето
Четврток, 07 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски, денеска присуствуваше на свеченото отворање на „Демирхисарско културно лето 2016", кое се одржа во комплексот на манастирот „Св. Јован Претеча" во село Слепче.

Во рамки на денешната манифестација беше претставена богата културно - уметничка програма, сценско – драмски адаптации, поетски читања, фолклорни настапи, актерски претставувања, хорско пеење, како и беседа по повод 1100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски.

Македонскиот претседател присуствуваше и на свечената aрхиерејска литургија која се одржа во слепчанскиот манастир, по повод православниот празникот Иванден – раѓањето на Свети Јован Крстител .

1100 годишнината од упокојувањето на светиот Климент Охридски во Република Македонија годинава се одбележува со богата програма на активности и културни настани. Претседателот Иванов, заедно со МАНУ и Универзитетот „Св. Климент Охридски" од Битола, е носител на чествувањето на овој јубилеј посветен на животот и делото на големиот македонски просветител.

slepce2

SOCUVSSTVO_TR_AMBASADA
Претседателот Иванов се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Турција во Скопје
Четврток, 30 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Амбасадата на Република Турција во Скопје се потпиша во книгата на жалост, отворена по терористичкиот напад на меѓународниот аеродром во Истанбул.

„Во овие тешки моменти Република Македонија е солидарна со Република Турција и Ве охрабрува решително да се соочите со заканата од тероризмот во заштита на слободата, безбедноста и вредностите на Вашите граѓани и поредокот на Вашата држава. Крајно време е светот да се обедини во одбрана на споделените вредности. Нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите", напиша претседателот Иванов во отворената книга на жалост во Амбасадата на Република Турција.

Вчера претседателот Иванов, по повод терористичкиот напад во Истанбул, упати писмо со сочувство до претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, во коe најостро го осуди овој подмолен и насилен варварски чин, изразувајќи уверување дека единствен начин да се спротивставиме на оваа споделена закана е преку тесна соработка на целиот цивилизиран свет.

„Во отсуство на таквата неопходна соработка, никој и никаде нема да биде безбеден. Затоа, крајно време е светот да се обедини во одбрана на споделените вредности. Ве уверувам дека во овие тешки моменти Република Македонија е солидарна со Република Турција и Ве охрабрувам одлучно да се соочите со заканата од тероризмот во заштита на слободата, безбедноста и вредностите на Вашите граѓани и поредокот на Вашата држава", се вели во телеграмата со сочувство од претседателот Иванов до турскиот претседател Ердоган.

MVR1
Посета на Министерството за внатрешни работи
Петок, 24 Јуни 2016

Бегалската криза ќе трае и понатаму, не очекува втор мигрантски бран

Имаме најави за втор мигрантски бран што се очекува во текот на ова лето, кој ќе биде сосема поинаков од искуствата кои ги имавме со првиот мигрантски бран. Овој бран е веќе тргнат и се чувствува во централно медитеранскиот коридор, изјави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов при денешната посета на Министерството за внатрешни работи.

Македонскиот претседател посочи дека денешната посета е во склоп на посетите на институциите и надлежните во справување со мигрантската криза, односно со сите оние кои се вклучени во кризниот менаџмент во справување со сите предизвици кои ги имаме со мигрантскиот бран.

- Сето ова е во функција на најавите дека не очекува втор мигрантски бран. Министерот, заедно со директорите ме информираа за сите научени лекции и сето она што го имавме во првиот бран. Сите мерки се преземени, од голема корист се полицајците од земјите членки на ЕУ и балканскиот регион. Сите активности се синхронизирани, нашиот кризен менаџмент дневно известува за сите обиди за влегување и отворање на балканскиот регион, рече претседателот Иванов.

Посочи дека како држава се справуваме успешно и покажавме како треба и другите земји да се справуваат и однесуваат со вакви предизвици.

Според претседателот Иванов станува збор за втор бегалски бран кој трнува од Египет, каде моментално се наоѓаат пет милиони мигранти, додека на границите со Судан има 20 милиони потенцијални мигранти од рогот на Африка, кои досега успешно ги контролираше, но и поради состојбата во бегалските кампови во Либан и Турција.


Со загриженост ја примивме пораката за излез на Велика Британија од ЕУ

Со загриженост ја примивме пораката за тоа што денеска се случи во Велика Британија, пред сè бидејќи сите наши стратешки определби и ориентации се кон Европската Унија, изјави претседателот Иванов, при посета на Министерството за внатрешни работа.

Според претседателот Иванов, сега се наоѓа во една нова реалност за која нема никакво претходно искуство. Истакна дека се следат сите настани и изрази очекување дека ќе се појави лидерство и храброст во носењето одлуки.

– Ние и претходно укажувавме дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Гледате, ЕУ како не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, се фокусира само на еден проблем и го заборава другиот. Знаеме дека кога беше проблемот со Грција, фокусот беше да се спаси и остане во ЕУ, кога почнаа состојбите во Украина, се заборави Грција, кога почна мигранстакта криза сите ја заборавија Украина, кога дојдоа безбедносните закани, сите заборавија на мигрантите. Сега сите се преокупирани само со Велика Британија. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство, рече претседателот Иванов.

Но, според претседателот Иванов потребно е лидерство и храброст и нов начин на носење на одлуки.

- Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде, исто така имаше систем на колективно одлучување и носење одлуки со консензус. Секој имаше право на вето и каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да не тргне по истиот пат затоа што во услови на криза и закани, кај земјите се јавува себичност. Секоја држава настојува само своите проблеми да ги решава, а проблеми и предизвици има премногу. Се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето кои немаат каде да одат бидејќи немаат ниту домови ниту држави, рече претседателот Иванов.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 48 од 198