Новости
NJ
Претседателот Иванов на средба со македонската дијаспора во Њу Џерси
Понеделник, 19 Септември 2016

Во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 71 сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со претставниците на македонската заедница во Сидер Гров, Њу Џерси.

Претседателот Иванов ја посети црквата „Св. Кирил и Методиј" и присуствуваше на традиционалниот фестивал, што секоја година го организира македонската дијаспора од Њу Џерси, со цел промоција на македонската традиција и култура во САД.

Македонскиот претседател ги поздрави присутните и им порача на претставниците на македонската заедница да бидат сложни и единствени, хумани и солидарни, и достоинствено и гордо да ја претставуваат Македонија.

- Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија. Со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Да соработуваме и да се сплотуваме, им порача претседателот Иванов на македонските иселеници во Њу Џерси.

Македонскиот претседател при секоја посета на странска држава, традиционално остварува средби со македонските иселеници и во континуитет се залага за развој на односите со дијаспората, преку оддавање признанија за нивните успеси како поединци и здруженија.

Претставниците на македонската заедница изразија задоволство и се заблагодарија за посетата на претседателот Иванов.

Македонската заедница во Њу Џерси брои околу 20.000 Македонци. Претседателот на црковната заедница, Никола Милески, истакна дека Македонците во овој регион на САД се етаблирани членови на американското општество, позиционирани во повеќе области, пред се како доктори, бизнисмени и адвокати, но не се доволно инволвирани во политиката и во процесот на донесување на одлуки. Киро Трајчевски изјави дека македонската заедница во Њу Церси будно ги следи сите политички настани како во САД, така и во Македонија, и истакна дека изминативе години има повеќе директни ивеститори токму од нивни сограѓани, Македонци од Њу Џерси, кои инвестирале во угостителството, туризмот, рударството и винарството во Република Македонија.

Во рамки на учеството на 71 сесија на Генералното собрание на ОН, претседателот Иванов денеска ќе се обрати на состанокот на високо ниво за справување со големите движења на бегалци и мигранти.

Nikolic_1
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Република Србија,Томислав Николиќ
Петок, 16 Септември 2016

„Институциите на Република Македонија и Република Србија развиваат добрососедски односи, а наскоро очекуваме склучување билатерален Договор за заштита на културно историските споменици во двете држави", истакна денеска претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој му се заблагодари на српскиот народ за помошта при неодамнешните поплави во Скопје и скопско.

На денешната тет-а-тет средба, а потоа и во своите јавни обраќања, претседателите на Македонија и на Србија Иванов и Николиќ потврдија дека нивната заедничка стратешка цел се евроинтеграциите и меѓусебната поддршка.

„Ние настојуваме со сите наши соседи да градиме добрососедски односи. Оваа посета посветена на 100 годишнината од битката на Кајмакчалан, исто како и со претходните прослави кај Забрњак и за Свети Сава покажаа како Република Македонија сака да ги гради односите со своите соседи, и затоа очекуваме и Република Србија да излезе во пресрет на оние одбележувања на настани кои ние ги имаме, а се на територијата на Србија. Сметаме дека со склучувањето на билатералниот договор за заштита на културно историските споменици ќе биде овозможено и гарантирано правото на негување, чување и чествување на културните наследства, традиции и настани од историско значење на двете страни", истакна претседателот Иванов.

Според претседателот Иванов, државите од Балканот мора да напредуваат без блокирање на целите, а тоа е членството во Европската Унија.

„Ние како претседатели не можеме да ја менуваме историјата, но можеме да ја менуваме сегашноста и иднината, а нашата заедничка иднина е остварување на нашите стратешки цели кои се идентични за двете земји и затоа успорувањето на процесот на евроинтеграциите на нашиот регион го сметаме на нешто што влијае врз онаа сила и енергија што ги трансформира нашите општества. Ние сме блокирани во тој процес, а Србија напредува. Нам ни е скратена таа енергија бидејќи сме блокирани и сеуште немаме добиено датум за да ги почнеме преговорите за евроинтеграциите, но сите ние што живееме на Балканот мора да ја гледаме големата слика и да помагаме цел Балкан да напредува бидејќи е од заеднички интерес", нагласи македонскиот претседател.

На заедничката средба во Битола, првите луѓе на двете држави јавно се заблагодарија на помошта и брзите интервенции до настраданото население во Скопје, односно Обреновац кое беше погодено од поплави.

Nikolic_3„Трагедијата во која ние помогнавме како вистински соседи беше одговор на вашето пријателство и помош кога вие први помогнавте во Обреновац. Живееме на Балканот, некои од Балканот се одделија како европјани, а нам ни го оставија просторот кој сега го нарекуваат Западен Балкан, а се простира до Босна и Херцеговина. Наше е да работиме за нашите држави се уредуваат согласно европските правила бидејќи тоа е добро за граѓаните", рече претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ.


Денес, истакна српскиот претседател, имавме јубилеј кој се одбележува еднаш во 100 години, а воедно се заблагодаруваме што овозможивте да положиме венци на Споменикот и воените гробиштата во Битола.

„Договорите за соработка за кои денес разговаравме сигурно ќе им ги дадеме на Владите на двете држави за да ги реализираат во целост", рече српскиот претседател Николиќ кој најави  и заедничко решавање одредени проблеми, каков што е проблемот со мигрантите.

„За жал кој е во ЕУ добива поголема поддршка, а кој не е има помала помош. Неприфатливо е Европа да ги затвора своите граници, а ние да останеме отворени, дури неприфатливо е Европа на половина Европа да ги штити своите граници, и таа тоа треба да го прави на својот почеток, нагласи Николиќ.

За време на својата прва посета на Битола, претседателот на Србија Николиќ, придружуван од својот домаќин претседателот Иванов прошета по Широк Сокак, а оствари средби и со претставници на српската заедница, како и со почесниот српски конзул во овој град.

Predavanje_Voena_Akademija__001
Претседателот Иванов одржа предавање на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“
Четврток, 15 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски", одржа предавање на тема „Геостратегиската и геополитичката позиција на Република Македонија и мигрантската и бегалската криза", со што свечено почна академската 2016/2017 година.

Претседателот Иванов во предавањето се осврна на актуелни прашања од доменот на геополитиката и геостратегијата, кои се однесуваат на предизвиците со кои се соочува Република Македонија, во контекст на мигрантската и бегалска криза.

„Географијата како траен фактор на политиката повторно стапува на сцена и нам ни останува да се прилагодиме и подготвиме за значајните промени кои претстојат и со кои ќе треба да се справиме, пред сè да го сочуваме она што го имаме , а тоа е сопствената држава. Сите треба да дадеме личен пример и придонес за остварувањето на таа цел", порача претседателот Иванов во предавањето.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, пак, додаде дека Академијата од своето основање дава значителен напредок и квалитативен и квантитативен придонес во рамките на системот за одбрана со нови високообразувани старешини и студенти од областа на одбраната, безбедноста и управувањето со кризи.

На свеченото започнување на академската година, покрај питомците од јубилејната 20.класа на Воената академија и слушателите на вториот циклус на студии на Академијата, присуствуваа заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, генералите во Армијата на Република Македонија, државниот секретар во Министерството за одбрана на РМ, Елизабета Чуповска Ристовска, заменик министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов, како и професори на Воената академија.
Predavanje_Voena_Akademija__002

prm_tomi_stefanovski_1
Средба на претседателот Иванов со македонскиот маратонски пливач, Томи Стефановски
Вторник, 13 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска гo прими македонскиот маратонски пливач, Томи Стефановски, по повод освоеното прво место во „Гран При" серијата на маратони на отворени води, што е во организација на Меѓународната пливачка федерација ФИНА.

Претседателот Иванов му честита на Стефановски за освоената шампионска титула, потенцирајќи ја важноста на напорната и пожртвувана работа како предуслов за големите спортски успеси.

„Вашиот успех е позитивен пример и мотив за голем број млади генерации кои што од вас ќе учат за спортските вредности. Ваквиот подвиг заслужува големо внимание и почит, затоа што успесите и победите не обединуваат сите нас. Ви посакувам уште многу вакви достигнувања кои што истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на Република Македонија", рече на средбата претседателот Иванов.

Томи Стефановски изрази благодарност до македонскиот претседател за укажаната чест, притоа споделувајќи ги импресиите од освоеното прво место, како и од предизвиците со кои што се соочил на маратонските патеки низ годините.

„Средбата со претседателот Иванов за мене претставува огромна чест, бидејќи се вреднува мојот труд кој го градам веќе 35-40 години. Ветувам дека и понатаму ќе останам во овој спорт и ќе ги пренесувам моите искуства на помладите и на генерациите што доаѓаат, за сите тие, на следните Охридски маратони и другите пливачки натпревари, да ја претставуваат нашата држава колку што е можно подостојно", истакна нашиот маратонски пливач.

Томи Стефановски постигна историски успех во македонското маратонско пливање, со што ги исполни и критериумите за добивање на признанието спортист од светска категорија. Годинава најстариот пливач во „Гран При" серијата на ФИНА, Стефановски, со своите достигнувања во долгогодишната кариера влезе во „Куќата на славните на меѓународното маратонско пливање", и ќе присуствува на овој значаен спортски настан којшто ќе се одржи на 4-ти ноември во Лос Анџелес.

Kurban-bajram
Претседателот Иванов на прием кај поглаварот на ИВЗ по повод Курбан-бајрам
Понеделник, 12 Септември 2016
prm_doncev_01
Средба со Андон Дончевски, добитник на годинешната државна награда „8 Септември“
Понеделник, 12 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Андон Дончевски, поранешен фудбалер и тренер, добитник на годинешната државна награда „8 Септември" за животно дело, за исклучителни придонеси во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план.

Претседателот Иванов на г. Дончевски му честиташе за добиената награда, како признание за неговиот севкупен ангажман во областа на спортот, истакнувајќи дека неговиот пример треба да го следат сите млади спортисти од земјата.

Македонскиот претседател изрази уверување дека наградата на г. Дончевски ќе претставува поттик за сите млади спортисти во Република Македонија за постигнување добри резултати и промоција и афирмација на земјата на спортски план. Дончевски изрази благодарност за континуираната поддршка од претседателот Иванов за развојот и унапредувањето на спортот во Република Македонија.

Претседателот Иванов во 2014 година го одликуваше г. Дончевски со „Медал за заслуги за Македонија" за неговиот придонест кон афирмација на Република Македонија во светот.
prm_doncev_02

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 45 од 198