Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денска престојува во работна посета на Хашемитското Кралство Јордан по повод учеството на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, што се одржува во Аман.
Претседателот Иванов учествуваше на пленарната сесија на свеченото отворање на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка. Темите на дискусија на форумот се однесуваат на улогата на Кралството Јордан во регионот, економските перспективи на земјите од овој регион, промените во геополитиката и хуманитарните предизвици во однос на состојбите во Сирија, Ирак и Либија, како и актуелната мигрантската криза.
Во рамки на учеството на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, претседателот Иванов оствари средба со Вилијам Лејси Свинг, генерален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).Двајцата соговорници разменија мислења за соработката меѓу Република Македонија и ИОМ, како и за активностите на организацијата на регионално и на глобално ниво.Претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната соработката што Република Македонија ја остварува со ИОМ, особено за поддршката во справувањето со мигрантската криза.Генералниот директор изрази задоволство од односот и третманот на Република Македонија кон бегалците и мигрантите, согласно сите меѓународните стандарди и ги поздрави начините на кои земјата се справува со мигрантската криза.На средбата претседателот Иванов изрази подготвеност за вклученост на Република Македонија во идните активности на ИОМ и продолжување на соработката согласно потребите на државата. На покана на Република Македонија, генерален директор на Меѓународната организација за миграција ќе ја посети Република Македонија.
Македонскиот претседател во Јордан оствари средба и со заменик претседателот на Јапонската меѓунарoдна агенција за соработка (JICA), Кеничи Томијоши. На средбата беа разменети мислења за можностите за соработка меѓу Република Македонија и JICA во сферите одзаеднички интерес.
Претседателот Иванов односите со Јапонија ги оцени како одлични, посочувајќи дека со отворањњето на амбасадите на Македонија во Јапонија и на Јапонија во Македонија, очекува интензивирање на политичкиот дијалог и збогатување на севкупната соработка. Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори на Република Македонија и JICA има посебно место и улога на овој план, за што Македонија искажа благодарност. На средбата беа разгледани можностите за продолжување на поддршката за Република Македонија во областите на животната средина и кризен менаџмент со природни катастрофи, како и за можноста за отворање на регионална канцеларија на JICA во Република Македонија.
Во рамки на учеството на Светскиот економски форум, претседателот Иванов оствари средба со генералнот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, на којабеше разговарано за тековните и идните активности и проекти на Република Македонија во соработка со светската организација за образование, наука и култура.
Двајцата соговорници ја потврдија одличната соработка меѓу Република Македонија и УНЕСКО, и изразија подготвеност за нејзино проширување во насока на натамошна реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, и во однос на програмите за млади и граѓанското општество.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија придава големо значење на соработката со УНЕСКО и активно ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи.
„Република Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО, и ние сме исклучително посветени во напорите за заштита на изобилното природно и културно-историско наследство кое го имаме", посочи македонскиот претседател, и изрази благодарност за поддршката која УНЕСКО континуирано и ја дава на Република Македонија преку проекти реализирани во рамките на мултилатералната и директната соработка.
На средбата беа разменети мислења околу актуелните случувања во Република Македонија на политички план, информации за улогата на УНЕСКО во однос на бегалската криза, како и за актуелностите и реформските процеси во светската организација. Во таа наоска, Бокова го информираше претседателот Иванов за предизвиците со кои се соочува УНЕСКО.
На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка учествуваат над 1000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави, меѓу кои кралот на Шпанија, Фелипе VI, ирачкиот претседател Фуад Масум, египетскиот претседател Ал Сиси, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија, Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, холандскиот МНР, Берт Коендерс, норвешкиот МНР, Борге Бренде, Словачкиот МНР, Мирослав Лајчак и други.