|
Средба со претставници на Влашката заедница во пресрет на 23 Мај – Националниот ден на Власите
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на 23 Мај – Националниот ден на Власите, денеска ги прими претставниците на Влашката заедница во Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења за состојбата и активностите на Влашката заедница, во контекст на остварување на нивните права, како и за нивното учество во севкупниот политички и општествен живот во Република Македонија.
Претседателот Иванов им го честиташе Националниот ден на Власите, порачувајќи им дека како до сега така и во иднина ќе ги поддржува активностите на Влашката заедница и ќе се залага за натамошно негување и промовирање на влашката култура и традиција во Република Македонија. Во тој контекст македонскиот претседател потенцираше дека Власите отсекогаш биле лојални и посветени граѓани кои се успешни на сите општествени полиња, истакнувајќи го нивниот придонес во градењето на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста меѓу етничките заедници.
Претставниците на Влашката заедница изразија задоволство од личниот ангажман на претседателот Иванов во насока на градење на мултиетничко и демократско општество и се заблагодарија за неговата активна улога во негувањето на влашкиот идентитет, култура и традиција како рамноправна етничка заедница во Република Македонија.
|